Следејќи ги светските трендови во музејското работење, поконкретно, во едукативниот дел од истото, во склоп на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија се формира археолошка едукативна работилница за деца од предучилишна и училишна возраст, со цел децата уште од најмала возраст да се запознаат со археологијата и културното наследство на Република Северна Македонија.
Оваа работилница претставува можност за најмладата популација да се здобие со знаења за богатото културно наследство преку низа активности. Во овие активности, освен предавања прилагодени на соодветната возраст, предвидени се и разни интерактивни содржини со кои децата ќе имаат можност своите впечатоци и здобиени знаења за археологијата, како и богатите археолошки артефакти од Република Северна Македонија, креативно да ги изразуваат преку моделирање во глина, цртање или пишување есеи.
На тој начин, преку игра одблизу би можеле да се запознаат со археологијата како една комплексна наука, нејзината суштина и задачи, како и можноста да го проследат патот на археолошките артефакти од длабочините на земјата до музејските витрини.
За потребите на оваа работилница беше осмислен и преграден дел од изложбениот простор на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија, наменет за повремени изложби, со површина од 50м2. Истиот беше соодветно опремен со основните работи за негово непречено функционирање како: масички, столчиња, обложување на подот со линолеум.
За задоволување на потребите на оваа работилница во однос на интерактивниот дел беа изработени: археолошка ситуација – симулација на археолошки локалитет во која децата ќе можат да ископуваат, изработка на археолошки профил каде децата ќе ги изучуваат периодите по хронолошки ред и воедно ќе имаат можност да се запознаат со најрепрезентативните артефакти од сите периоди чии комерцијални копии се вметнати во самиот профил, изработка на училишни табли како и набавување на голем број реквизити потребни за работата на оваа работилница.
Освен со деца (лица) кои се вклучени во редовната настава, оваа работилница организира и едукативни – креативни работилници за лицата со попреченост: аутистичен спектар, АДХД, телесна инвалидност, ментална попреченост, глуви и наглуви лица, како и лица со оштетен вид.
Едукативните работилници се организираат и во едукативното катче во музејот, како и во Неолитското село “Тумба Маџари”.
Лицата со попреченост се добредојдени во нашиот музеј, нашите вработени имаат познавање за специфичностите на овие лица и можат соодветно да одговорат на нивните потреби.