Еманципацијата на западноевропските кралства условува појава на надворешни аспирации за завземање на териториите и богатствата на обновената империја и ги концентрира воените конфликти во првата зона на Византиско владеење, во која спаѓа и Македонија. Динамичните историски услови резултираат со брзи и бројни промени на историски план во чија сенка се развиваат бројни населби концентрирани околу големите тврдини во кои се развива зрелата средновековна култура (1000 г. до 1206 г.) која терминира со падот на Византиската Империја, односно нејзината престолнина Константинопол, под Латините. На просторот на Македонија овој период го следиме во продолжен термин до осмата деценија на XIII век, одбележан со бројни борби за престиж и наизменични територијални завладувања проследени со брзи промени на претендентите: Византија, Бугарското царство, Српското кралство, западно-Европските завладувачи и локалните Македонски претенденти.
Витрина 154 го отсликува квалитетот на живеење во бурните времиња на зрелиот среден век развиван под интензивните влијанија на Византија и притиснат од кризата на воените турбуленции. Главна компонента претставува керамичката продукција, пред се’ онаа наменета за кујнска употреба, која ја сочинуваат чашки и грниња со сродна форма и различни димензии, чести меѓу археолошките наоди, претставени на највисокото ниво во витрината. Препознатлив вид се карактеристичните црепни, еден примерок изложен во основата, кои еволуираат од поквалитетните рановизантиски тави во масивни и груби земјени форми што се одржале во народната употреба до денес. Тука припаѓаат и разновидните стомни, но и поквалитетната продукција на глазирана керамика како замена за ексклузивните метални садови, кои за жал музејот не ги поседува, па затоа не се претставени во нашата изложба.
Важна компонента во претставувањето на времето се предметите за лична употреба, повеќекратни ниски на шаренолики ѓердани составени од стаклени мониста украсении со крупни стаклени перли со сложен повеќебоен украс, кои го претставуваат народниот накит и со дополнителни ниски на сребрени перли, филактерии и други амулети, кои ја одразуваат социјалната дистинкција, верската определба и суеверието на нивните носителки. За тоа сведочи ексклузивниот накит од гробот бр. 4 од Корешница-Демир Капија, X-XI век, дополнета со стаклени и бронзени белегзии, пар крупни сребрени гроздовидни наушници, сребрени прстени и ексклузивна пречелница-дијадема составена од повеќе апликации оригинално нашиени на лента, со низа висулци што паѓале преку челото и крупен централен украс. Креативноста на изработувачите на женскиот накит е непресушна, претставена со уште една група предмети од разни локалитети изведени во суптилна хармонија на бело-сино стакло, главно од XII век, од кога потекнува и шишето за ливанто – мирисни екстракти од Левантот, претставено со наод од Кале-Скопје. Верската компонента е одразена во бронзените крстови енколпиони од X-XI век и оловната ампула за свето миро донесена од далечно ходочастие во неизвесно светилиште од XII можеби XIII век.
Љубинка Џидрова, археолог, кустос советник за средновековна археологија
Мартин Гиевски, кустос за XIX и XX век