Доцен среден век

Доцниот средновековен период е најеклатантно опишан со последната фаза на фреквентни воено-политички завземања на претставниците на српската племенска елита. Нивните територијални аспирации кон југ особено ќе бидат потенцирани со прогласувањето на кралството и првите потрајни завземања на северниот дел на Македонија веќе 1282 г., а крунисани со стабилизацијата и прогласувањето на Српското царство во Скопје 1346 г.

Витрина 155 ги презентира најексклузивните предмети на доцносредновековното дворско општество претставено со 2 наоди од манастирот Ѓуриште-Свети Николе, еден ексклузивен медаљон-крст енколпион изработен во злато и украсен со бесценети камења и една обетка. Минијатурните димензии на малата ажурно изведена полумесечеста обетка ја оддаваат реалната вредност на златото во XIV век, наспроти монограмот на Марија Палеолог, од царски Византиски род и сопруга на кралот Стефан Првовенчан, претставен на нејзината челна страна. Високата духовност на средновековното општество се огледа во високиот квалитет на неколку предмети за црковна литургиска употреба. Гулабицата како асоцијација на светиот дух со сад за свето миро, изложена во близина на олтарот, со ексклузивна изведба од позлатена бронза, со повеќебоен клеточен емајл, потекнува од работилниците во Лимож, Франција во доцниот XIII век. Сроден е делот од мобилијар, веројатно од царските двери на архиепископската катедрална црква на Охрид Св. Софија, или Богородица Перивлептос, со сличен квалитет на изработка и претстава на Св. Благовештение од XIII-XIV век. Тие укажуваат на блиските врски на средновековниот царски двор на Немањиќите со царските семејства од Европа.

Далеку најлуксузен археолошки наод од територијата на Македонија претставува депото од Крушарски Рид, с. Горно Оризари, Кочани. При случаен ископ откриено е ова ексклузивно депо, претставено кај нас во поголем дел, поточно од 3 пара на масивни златни наушници изработени во разни златарски техники, со дополнително вметнати полускапоцени камења и оригинално украсени со бисери, кои не се сочувани. Збирката е дополнета и со скапоцениот пехар на висока нога, сребро со позлата, на чиј средишен дел од чашката – омфалос – е аплицирана претстава на лав подигнат на задните нозе врз позадина од син емајл.

Важен доказ за средновековната дворска култура е и масивниот меч Волчјак со претстава на волк во скок, интарзија изведена врз острицата на мечот, според која мечот бил наречен. Сопственост на некој од високите царски витези на XIV век, откриен во коритото на р. Брегалница, мечот изработен во оружарниците од Пасау-Германија, сведочи за активноста на трговските врски во Европа и уникатната поврзаност на локалните големодостоинственици со големите производствени центри.

Витрина 156 има за цел да ги дополни општите сознанија за квалитетот на живеење во доцниот среден век, согледани низ неколку специфични аспекти. Пред се’ тоа е верскиот аспект на средновековното општество, чија длабочина и посветеност се илустрирани низ портативната икона со претстава на Св. Јован Богослов и крст-приврзок, обата изработени од стеатит во некоја солунска работилница во крајот на XIII и на преодот во XIV век. Од XIV век потекнуваат ексклузивниот вотивен приврзок со натпис, бронза со позлата, украсен со карнеоли и килибар; бронзениот крст енколпион на висок свештеник од непознат локалитет, како и реликвијата-дрвен крст како асоцијација на потеклото од крстот на христовото распетие, некогаш вметнат во сребрен оков во вид на престолен крст. Со потекло од црквата Св. Ѓорѓи во с. Здуње, Гостиварско, тој е добиен за музејот во далечните 1950-ти години.

Во долниот дел е претставен исклучително богатиот по бројност и разнородност на украсните предмети Гроб 105 од Црквиште-с. Мородвис, Кочани, од XII-XIII век со 16 стаклени белегзии, 2 прстени од стакло и сребро, крст-приврзок, приврзок и пар сребрени и позлатени обетки.

На десната половина на витрината е претставен разнороден материјал кој во еден дел, преку ѕвездичка од мамуза од XIV век, дел од балчак за меч од доцен XIV или XV век и прстен со претстава на едноглав орел од XV век, ја претставува витешката опрема на дворските припадници. Во средниот дел се повторно избор на накитни предмети од XII-XIII до XV век, со неколку карактеристични бронзени белегзии од разни типови од пораниот период и прочелницата од Црквиште-Демир Капија од XV век, па до неколку карактеристични употребни предмети, како држалка за нож изработена од еленски рог и дел од стаклено шише за жал сочувано само во делот на грлото и устието.

Во долниот дел на витрината се претставени серија масивни железни алатки за земјоделска употреба, како сор, струшка и рало, 1 бојна секира и византиско копје од XI/XII до XIII век.

Рапидниот тек на настани од појавата, устоличувањето, широката социјална вмреженост на широкиот централно-балкански простор со јаки пролиферации кон север, северозапад, запад и југ, и динамиката на интернационализација на доцно-средновековното општество во време на српското царство, ја следи судбината на неговата претходница, Византиската Империја. Под силниот удар на незадржливите Отомански освојувања, веќе во последните децении на XIV век започнува падот на средновековното српско владеење на Балканот. Тоа се откажува територија по територија од своите поседи, препуштајќи ги на локалните кралеви како експоненти на централната власт, за постепено низ завземањата тие да се трансформираат во вазали на Отоманските емири кои несопирливо го завладуваат Балканот. Падот на средновековното царство коинцидира со губитокот на Константинопол под Турците во 1453 г. Меѓутоа интензивниот средновековен развиток и делување наоѓаат силен одраз во продолженото постоење на карактеристичната доцно или пост-средновековна култура, која опстојува ширум Балканот одразувајки ги длабоко вкоренетите традиции на Византиската мисла и култура, воедно создавајки основа за пројавување на регионални форми, стилови и тенденции што ја одразуваат широката ученост која доминира во овој период.

Витрина 157 има интенција да даде пресек на градската култура во средновековната престолнина Кале-Скопје, но заради некомплетност на нашата збирка изборот е дополнет со предмети и од други локалитети.

Верскиот аспект кој е секако доминантен јавен аспект на градското живеење е претставен низ колаж од сочуваните фрагменти фрески од засега единствената црква откриена на Кале, датирана во доцниот XIV век. На горното ниво тие се поддржани со 2 бронзени крста – пекторал/наградник и престолен крст – од Црквиште-Демир Капија, X-XI век, бронзен пехар од XVI век од Кале и ѕвездичка-астериск од Црквиште-Мородвис XIII век. Профаното живеење е илустрирано со еден од најраните делумно сочувани керамички садови-грне од Кале од IX-X век; брава од сандак и стило откриени во слојот на рушење од доцен XIII век и големодостоинственичкиот сребрен прстен со позлата, со претстава на лав од доцен XIV век. Дипломатската активност на овој висок воен, црковен и административен центар е илустрирана низ бесценетата серија на молибдобули-печати од документи од византиска провиненција, од кои 8 припаѓаат на XI и XII век и по еден од XIII и XV век.

Во преден план се претставени предмети за општа употреба во домаќинствата, прешлени и коскени макари за ткаење, игли од бронза и коска, црвен пигмент за боење ткаенина од Демир Капија и една серија на наушници во нивниот полн еволутивен настанок од мали обетки до најголемата наушница од Токајски тип (XII до XIV век).

Во долниот дел на витрината се претставени 5 керамички сада за кујнска употреба датирани од XIII-XV век.

Љубинка Џидрова, археолог, кустос советник за средновековна археологија

Филип Аџиевски , археолог, кустос за доцен среден век

Мартин Гиевски, кустос за XIX и XX век