Приказната за камените споменици поставени во Куршумли ан од 1924 год. па се’ до денес.
Неколкумина ентузијазирани научници, членови на Скопското научно друштво, почнале да собираат антички натписи на хеленски и на латински јазик и камена пластика во скулптура и релјеф, како и делови од архитектонска пластика во Куршумли ан во Скопје и така ја формирале збирката на камени споменици, која станала иницијалната колекција на Музејот на Вардарската Бановина формирана на 1 ви април 1924 година, со што е поставен темелот на музејската дејност во Република Северна Македонија.
Според документацијата на Археолошкиот музеј, прибирањето на спомениците се интензивирало во периодот од 1926-1934 година, време во кое д-р Никола Вулиќ, д-р Миодраг Кокиќ, д-р Миодраг Грбиќ и д-р Радослав Грујиќ вршеле рекогносцирања на територијата на Македонија и сите случајни наоди, вклучувајќи ги и оние од најзафрлените села, како и пронајдоците од археолошките истражувања, ги прибирале и го документирале во Куршумли ан. Во 30-тите години на XX век спомениците биле експонирани во дворот на објектот и биле ставени на увид на посетителите. Иако музејот функционирал под различни имиња заради историските случувања, како Музеј на јужна Србија, а потоа како Народен музеј, грижливоста во собирањето и расчитувањето на текстуалните и сликовните записи продолжувало непречено. Непосредно по Втората светска војна како воен затвореник во Куршумли ан престојувал и работел уште еден археолог и класичен филолог, д-р Валтер Вреде.
Со формирањето на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во 1949 година збирката на камени споменици е документирана, обработувана, проучувана и збогатувана од Борка Драгојевиќ – Јосифовска.
Во 1953 година, под раководство на Душанка Вучковиќ-Тодоровиќ, Археолошкиот музеј врши ископувања во с. Чепигово, во античка Стибера. Со откривањето на Гимназионот и Храмот на божицата Тиха како легат на Антестија Фуска, збирката на камени споменици значително се збогатува, првенствено затоа што тоа се ретки споменици пронајдени in situ, а потоа, затоа што ја збогатуваат историјата на градот кој претходно ни е познат од натписи и статуи, кои се донесени во Куршумли ан како случајни наоди. Сите тие сочинуваат ретко посакувана целина во лапидариумите низ светот.
Во 1955 година е отворена првата постојана изложба на камени споменици, која е поставена во коњушницата на Куршумли ан, адаптирана за тие потреби, чиј автор е Борка Јосифовска. Старата коњушница била поделена во неколку одделенија според типологијата на приватните камени споменици, натписи и релјефи, а имало и посебни одделенија за најзначајните археолошки локалитети во Република Северна Македонија – Скупи, Стоби, Стибера и Хераклеја Линкестидска. Поставката била придружена со извонредно напишан водич кој и денес е подеднакво актуелен и интересен за различни профили на читатели.
Во земјотресот од 1963 година Куршумли ан е сериозно оштетен и потоа саниран и реконструиран, но коњушницата, односно лапидариумот, останува во затекнатата состојба. Уште во тоа време Археолошкиот музеј во Куршумли ан го згрижува и чува најголемиот лапидариум на Балканот и зголемувањето на фундусот на камени споменици продолжува низ прибирањето на предметите преку археолошките истражувања и рекогносцирања од страна на Апостол Керамидчиев, д-р Викторија Соколовска и д-р Елеонора Петрова.
Со отворањето на постојаната поставка на Археолошкиот музеј во 1982 година камените споменици добиваат свое место во презентацијата на периодите на кои им припаѓаат, во одделите, или како што ги нарекувавме, кубусите за предримски, римски и средновековен период.
Во 2001 година е отворен лапидариум во приземјето на главната зграда на Куршумли ан, чиј автор е д-р Славица Бабамова. Во дворот и во ќелиите во приземјето на зградата тогаш беа поставени околу 140 експонати во камен, што е значителна бројка во музејската презентација од оваа област. Изложбата имаше хронолошки редослед, кој ги претставуваше поединечните микрорегиони и антички градови во Македонија.
Со преселбата на Археолошкиот музеј во новата зграда на кејот на Вардар, во 2014 година, камените споменици од Куршумли ан, но и најзначајните музејски предмети од другите музеи во Република Северна Македонија, стануваат дел од лапидарумот на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија.
Во текот на 2017 и 2018 година во задниот двор и во коњушницата на Куршумли ан како дел од Археолошкиот музеј, се врши прераспределба на камените споменици. Музејските предмети и материјали кои се собирани во анот речиси еден век се селектираат по музејски збирки, се врши повторно евидентирање и документирање, се утврдува нивната физичка состојба и се согледува потребата од понатамошни конзерваторско-реставраторски зафати. Крајната цел на овој повеќегодишен проект е поставување нов лапидариум во коњушницата на Куршумли ан, кој по многу години ќе ги презентира камените споменици пред стручната и пошироката јавност.