Големо Градиште – Коњух

  • Post category:За музејот
  • Reading time:1 mins read

утврден град од Доцната антика во регионот на Кратово

Археолошкиот локалитет Големо Градиште се наоѓа во близинана Кратовското село Коњух. Познат е како редок пример на град подигнат кон крајот на 5 – почетокот на 6 век н.е., на територија на провинцијата Дарданија, во Источното Римско Царство. Распространет на висока и издолжена акропола, широка тераса на северното подножје на акрополата заградена со Крива Река, и потесен простор на јужното подножје на акрополата градот е пример на доцната фаза на римскиот урбанизам, со силно утврдување и значителен акцент на црковната архитектура. Планот на градот, тврдините и црквите истовремено претставуваат рана фаза на развојот на европскиот урбанизам и религиозното наследство. Со своите са. 17 хектари површина, Големо Градиште кај с.Коњух е најголемиот и досега најдобро истражен град од 6 век во североисточниот дел на Република Северна Македонија.

На природно заштитената акропола, на високиот рид познат како Големо Градиште, во 6-от век била изградена силна тврдина. Овде, со археолошките истражувања реализирани помеѓу 1998-2004 г., беа откриени капии, улици, скали и неколку резиденцијални и јавни градби, со темели вкопани во меката карпа.  Дел од нив, меѓу кои големата цистерна за вода, севидливи и денес на акрополата. Доминантноста на ридот над пошироката околина била од голема стратешка важност за безбедноста на градот и неговите жители во немирните времиња на 6 век. Локалитетот е познат и по бројните простори и издлабени во карпата, откриени на југозападната страна на ридот. Се верува дека во минатото биле користени како монашки ќелии.

Од 2005 година наваму, систематските истражувања продолжуваат на северната стамбена тераса, каде беа откриени два големи резидецијални комплекси. Првиот е повеќенаменска градба со остави и работилници околу внатрешен двор, додека вториот е резиденција со неколку поголеми простории, кујнски простор и двор со колонада, која несомнено припаѓала на член наградската елита. Точно помеѓу двете резиденции откриена е и голема, трикорабна базилика (35 х 15 м), со различни невообичаени архитектонски решенија. Една од нејзините анекс простории, со апсидален завршеток на источната страна и писцина во средишниот дел, претставувала крстилница. Фрагментите од репрезентативна камена пластика, откриени и во оваа базлика но и во базиликата Ротонда на овој локалитет, укажуваат на локална работилница, од средината на 6 век. Надвор од бедемите, на утврдувањето се некрополите на градот, од кои најдобро истражена е некрополата на платото К’шла, оддалечена околу 500 м североисточно од Големо Градиште. На источното подножје на ова плато, при заштитни истражувања во 1995 година, била откриена мала трикорабна базилика со голема засведена гробница во внатрешноста, која веројатно била во функција на некрополата. Со својата уникатна кружна форма, на овој локалитет припаѓа и познатата црква Ротонда, откриена во 1919 година, на ниско ридче оддалечено околу 200 м југоисточно од градот. Раскошните архитектонски елементи и решенија, како и бројот на црквите посочуваат на веројатноста дека градот бил и епископско седиште. Неговата големина, местоположба и очигледната економска моќ го идентификуваат како важен стратешки и административен центар во овој регион во времето на Доцната Антика.

Големо Градиште е најголемиот и досега наjдобро истражениот град од 6 век во североисточниот дел на Република Северна Македонија. Оттаму, резултатите од истражувањата даваат важни податоци и заклучоци за урбанизмот во овој регион, а поконкретно за ретките новоформирани градови од Доцната Антика. Црковната архитектура е од исклучителна вредност, не само за овој локалитет и територијата на нашата земја, туку и пошироко – за целиот Балкански Полуостров. Веќе ги споменавме трите цркви од 6 век, кои со својот уникатен изглед и литургиски елементи наразлични начини служеле на Христијанската заедница на градот. Раскошните релјефи на амвоните односно певниците во Ротондата и Епископската базилика се досега без споредба и укажуваат на непозната локална работилница.

Од самиот почеток во 1998 година, истражувањата на Големо Градиште се одвиваат како меѓународен истражувачки проект, под раководство на Археолошкиот оддел при НУ Музеј на Република Северна Македонија – денес НУ Археолошки Музеј на  Република Северна Македонија, од Скопје, и Гетисбург колеџот од Гетисбург, Пенсилванија, САД.

https://www.konjuh.mk

м-р Горан Санев, археолог, виш кустос