Започнати археолошки aктивности на Стакина чешма во Валандово, локалитет истражуван уште од 1987 год.

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

#MuseumMondaу
Локалитет Стакина чешма во Валандово е евидентиран со археолошките рекогносцирања од страна на Археолошкиот музеј и заштитните археолошки истражувања од страна на РЗЗСК од Скопје во седумдесетите и осумдесетите години. Во тој период делумно се истражени четири простории со подни мозаици.

Од 1987 год, Музејот на Македонија под раководство на Мила Шурбаноска започнува со систематски археолошки истражувања на овој локалитет. Досега се евидентирани десет, а целосно се истражени осум простории и еден базен со полукружна форма. Објектот работно е наречен Римски домус.

Во 2013 год, на западната страна од објектот наречен Банковка, забележана е ерозија на земјиштето, при што на самата површина беа видливи остатоци од архитектура и поден мозаик во техника opus sectille.

Во текот на ноември 2015 год. стручен тим од Археолошкиот музеј започна со ископување со кое се потврди постоење на репрезентативен објект. Откриена е подна мозаична површина во opus sectile и мермерни плочи, како и ѕид од камен, изведен во полукружен облик.

На источната страна е откриена втора просторија со обработена подна површина во техника opus tessellatum. Мозаикот е изведен од полихромни тесели во разни мотиви, кои започнуваат со претстава на геометриски шестоаголни и квадратни мотиви, поле со брановидни мотиви и поле со триаголници.
Откривањето на овој најверојатно втор, луксузен објект на локалитетот, ги потврдува нашите досегашни сознанија дека се работи за комплекс на луксузни објекти, вили и палати, датирани од доцноримскиот период.

Деновиве започнаа археолошки активности, под раководство на Мила Шурбаноска, кустос советник во Археолошкиот музеј, заедно со членовите на тимот, Радомир Ивановиќ, кустос во Археолошкиот музеј и Пенче Кралев, дипломиран археолог.
Овогодинешните истражувања ќе бидат во помал обем со активности насочени кон рекогносцирање на целиот простор околу локалитетот, особено околу постоечките објекти сѐ со цел подобра проспекција, но и согледување на комуникацијата на објектите со околината.
Се планира и отворање на неколку контролни ровови на позиции каде што има бројни остатоци од архитектура и тесели.