Публикуван долгоочекуваниот труд во научните кругови на балканскиот простор

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

Долгоочекуваниот труд во научните кругови на целиот балкански простор, студијата насловена ,,Епископијата на Брегалница и Моробисдон од VII до XIV век” од Кирил Трајковски

“Оваа студија е негова дисертациона тема иницирана од резултатите произлезени од реализацијата на проектот Средновековен Моробисдон (1980 – 1999) чиј раководител беше тој.
За фундаменталната поткрепа на главната тежишна тема даден е преглед на сите досега евидентирани и истражувани локалитети во источномакедонските простори од времето на првата христијанизација до варварските налети во VI и VII век и натаму, до замирање на некои од нив и до егзистирање низ средновековието за време на бугарската и српската доминација испреплетени со најдолго константната (со прекини) византиска, а потоа османлиска доминација на овие простори. Притоа обработени се 22 локалитети, наведени се сите историски помени и
извлечени се сите можни сегменти од историските извори во кои се спомнува населбата со извесни разлики во нејзиното именување, а поврзани до ден денешен со постоечката населба Мородвис, која инаку е врзувачка историска вертикала со епископијата од раното средновековие, главно црковно средиште за нашиот автор во брегалничката област.
Кирил Спасиков Трајковски го даде својот професионален максимум во ова свое дело, кое попатно не успеа да го доврши, но го остави како една своевидна целина. Тимот без кој Кирил не можеше да си ја замисли својата професионална функционалност, а и животната приказна, го сочинуваа Мишо Милојевиќ, Пере Тошев, Блажо Ѓеорѓиевски и Паско Кузман.”
– Паско Кузман

Уредник на ова монографско издание е м-р Ана Јорданова-Дубровска, а издавач е НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија.
Публикувањето е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Фондацијата Кирил Трајковски.
Каталогот е достапен за продажба во музејската продавница на Археолошкиот музеј.

Епископијата на Брегалница и Моробисдон од VII до XIV век – Кирил Трајковски – Археолошки Музеј на Република Северна Македонија (amm.org.mk)