Бокал Изник, XVI век

  • Post category:Е-музеј
  • Reading time:1 mins read
  • – Период/датација: 16 век (помеѓу 1520-1566 г.)
  • – Потекло: Збирка османлиски период, витрина бр. 158
  • – Материјал/техника: керамика, работена на грнчарско колце и сликана
  • – Димензии: висина 20 см, дебелина на ѕидови 0.4 см, дијаметар на стопа 10 см, дијаметар на стомак 16.3 см.

Кратка приказна (опис):

Керамички сад во форма на бокал, кој служел за чување вода и слично. Садот е со бела основа на која има насликано осум галии на стомакот и една на грлото од садот. Трупот на галиите е насликан со зелена и елементи со црвено, додека едрата се со тиркизна и бела боја. Под галиите има нијанса на светло плава боја. Помеѓу галиите има шеснаесет флорални елементи во форма на грмушки со зелена боја. На дното на грлото има претстава на венец, а уште една таква претстава се повторува помеѓу стопата и стомакот.

Бокал Изник, XVI векБокалот од типот Изник е еден од најрепрезентативните примероци на Турско Османлиската луксузна керамика и е толку редок предмет што во светот постојат само три примероци од истиот. Садот е изработен од каолин глина и има мошне тенки ѕидови, чија дебелина изнесува 4 милиметри. Како облик, изникот претставува имитација на кинескиот порцелан и за прв пат се појавува кон крајот на XV век.
Она по кое посебно се издвојува е декорацијата. По површината на садот се насликани 8 галии со едра изведени со тиркизна и бела боја. За разлика од другите два сада, едниот во Париз, а другиот во Берлин, каде едрата се широко отворени, на примерокот од Скопје платната на едрата постепено се отвораат – од затворени во горниот дел на бокалот до целосно отворени во долниот десен дел.

Помеѓу галиите има 16 флорални елементи во форма на грмушки со смарагдно зелена боја.
Примерокот кој е изложен во Археолошкиот музеј припаѓа на втората, најраскошна фаза – од 1520 до 1566 година.

Аудио нарација на англиски