Жртвеник со претстава на “Големата Мајка”

  • Post category:Е-музеј
  • Reading time:1 mins read
  • Период/датација: Младо камено време (неолит), VI милениум пред нашата ера (пред 8.000 години).
  • Потекло: Откриена во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, во 1981 година
  • Димензии: висина 39 см

Кратка приказна (опис):

Основната идеја на овој керамички предмет познат во археологијата како жртвеник е да се покаже мајката како родилка односно извор на животот и заштитничка на семејството и куќата. Ликот на мајката е првиот лик што детето го гледа по раѓањето. Улогата и местото на мајката во животот на човекот е извонредно значајна. Затоа во текот на развојот на човештвото се создала посебна почит односно обожавање на ликот и значањето на мајката во сите времиња и цивилизации во светот. Идејата за “Големата Мајка” на овој керамички предмет, ликовно е претставена преку еден цилиндар, кој го симболизира оџакот на куќата. На цилиндарот односно оџакот е прикажано лицето на Мајката (очи, веѓи, нос) и фризурата. Преку овие археолошки предмети, археолозите добиваат информации за изгледот на косата кај жената во младото камено време. Фризурата не е само моден детаљ на човекот, таа го означува и неговиот статус во заедницата во кој живеел. Многуте женски керамички фигурини најдени во археолошките локалитети од пред 8.000 години од времето на младото камено време, се потврда дека неолитската жена со особено внимание се грижела за изгледот на својата коса. Сите прикажани фризури на женските фигурини ги краси една карактеристика на елеганција.

Жртвеник со претстава на “Големата Мајка”
Понатаму “Големата Мајка”, ликовно е претставена со широко отворени раце кои се поставени врз покривот на куќата. Ваквата поставеност на рацете, е симбол за цврстата решителност на Мајката да се грижи за семејството и домот – куќата. На рацете се претставени белегзии. Во археолошките истражувања на населбите од младото камено време се пронајдени предмети изработени од камен, школка, глина, животински коски и рогови, кои се дел од накитот на нашите претци. Потребата за поседување и носење на овие предмети е повеќенаменска и има различно значење. Тие се показател на човекот за неговиот место и улога во заедницата, неговата припадност во одредена група, но и потребата за самоизразување како поединец. Некои форми на накит, се и чин на изразување на емоциите, верувањата, а особено се посредници во поврзувањето со енергијата и моќта на божественото, натприродното.
Долниот дел од претставата на жртвеникот “Големата Мајка”, ликовно завршува со претстава на куќата, домот.
Во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, но и во други локалитети од Македонија, како во с. Говрлево – скопско, с. Стенче – тетовско, с. Породин – битолско, најдени се слични жртвеници со ликовна претстава на “Големата Мајка” и куќата, домот. Според археолозите, поседувањето на овие предмети – жртвеници во младото камено време, на некој начин било желба и обврска на секое семејство. Жртвеникот бил нарачуван или обезбедуван за време на градењето на куќата. Нивното внесување во новоградбата би можело да се толкува и како нејзино „осветување“.

Аудио нарација на англиски