Раносредновековниот период е време на интензивни општествени турбуленции кои доведуваат до масовно осиромашување и пропаѓање на градската култура на просторот на раната Византиска империја, што се следи по средината на VI век, а чиј важен и непобитен дел претставува римската провинција Македонија и денешната територија на Република Северна Македонија. Овој период е втемелен врз тековините и делумно се развива во рамки на рановизантиската култура, давајќи прилог кон нејзиниот натамошен развиток, длабоко вкопан во наслагите на најтемниот сегмент на историјата од VII до IX век. Со неколку квалитетни рани примероци од оваа култура започнува нашата експозиција, поточно масивниот бронзен крст кој бил аплициран веројатно врз камениот мобилијар на некоја рановизантиска црква, и делумно сочуваниот бронзен церемонијален крст, обата од Полог, датирани во VI век.
Главна карактеристика во ова време претставуваат миграциските процеси започнати уште во доцниот Римски царски период, а особено нагласени со Хунските и Готските, односно Остроготските миграции од IV и V век, кои се дел од т.н. доцноантичка збирка. Нив ги следат Словенските, Аварските и миграциите на други азиски племиња во поодминатиот рановизантиски период, кои е речиси невозможно да бидат констатирани на теренот. Оттука важен дел на експозицијата претставуваат деловите од војничка опрема, како копчи, опкови и апликации за колани и фибули/брошеви, наменети за припадниците на Византиската војска, но и оние наменети за орнаментација на варварските федерати-сојузници кои се претставени во втората половина на витрината. Тука се претставени една серија на раритетни примероци на т.н. словенски фибули и накит базиран врз најчестиот вид на обетка-алка со дополнително украсување, сите од VI до IX век. Бардакот од Бресто, с. Виничани, Велес, е типичен производ на керамичката продукција од ова време, како и претставата на словенскиот бог Свевид изведен во еленски рог од локалитетот Давина Кула, с. Чучер, IX век.
Витрина 151 Со населувањето на Словените, чин документиран и потврден во современата наука во изминатите 150 години, настапува време на ре-компонирање на општествените односи на просторот на Византија, проследено со интеграција на дојденците и нивна постепена асимилација во постојната општествена структура. Воедно, постепеното јакнење на Византиската империја веќе од доцниот VII и VIII век, придонесува за постојано обновување на нејзините позиции на Балканот, како и во други краишта, за да од IX век доживее нов културен подем, најјасно претставен во обновувањето на христијанството и поставувањето на фундаментите на словенската писменост, процес заокружен во пресвртницата на новиот милениум, односно во 1000 година. Овој период е претставен со две изложбени витрини.
Витрина 152 т.н. Темен среден век, именуван поради отсуството на пишани извори и главно непознат за поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија, може најцелосно да се следи преку трагите на Комани-Крује културната група, позната преку епонимните локалитети од просторот на Република Албанија, култура која се прострирала во повеќе ограноци низ среден и западен Балкан одбележувајќи дел од аспектите на општественото живеење во VII и VIII век. Во ова време на опаѓање на моќта на старата империја, уште кон крајот на VI век, се направени обиди за обезбедување на одбрана пред се’ на големите приморски градови како Драч/Dyrachium и Салона во близина на Сплит, но и на повеќе други градови и на главните стратешки комуникации во крајбрежјето и длабоко во копното. Оваа одбрана била обезбедена со населување на колонисти од внатрешноста на континентот, делумно можеби избрани и од новодојдените словенски маси, со оглед дека нивното словенско потекло е потврдено преку студии на антрополошките остатоци од гробовите. Карактеристично е дека оваа т.н. заземјена војска населена во близина на добро бранети, утврдени пунктови, била населувана со своите семејства, им била доделувана земја за тие да можат да се прехрануваат, проследено со типичната наследност на одбранбената функција, која неретко резултира со појавата на војнички обележја во женските гробови. Најмаркантни локалитети атрибуирани на оваа култура од нашата територија се Св. Еразмо во близина на Охрид и Цигански Гробишта, с. Радолишта кај Струга, а поединечни наоди што можат да и се припишат се среќаваат и пошироко низ државата. Двата локалитети се претставени во рамки на оваа изложбена витрина одвоено, со тенденција да се прикаже комплетниот дијапазон на предмети кои се среќаваат во гробовите, а што вклучува пред се’ делови од машка војничка опрема: торквес-околувратник, масивна бронзена или железна фибула-копча за тешките волнени наметки и приврзоци за колан кои можат да се толкуваат со значење на обележја на ранг. Женските гробови во кои може да се најде по некој торквес или приврзок за колан, редовно се проследени и со пар големи округли-лунулести наушници, повеќекратни ниски од стаклени перли и мониста, приврзоци и скоро редовно нож закачен на коланот. Карактеристично е дека оваа популација била христијанизирана и како таква била населувана ширум империјата.
Витрина 153 Сложеноста на социјалните аспекти во овие векови на превирања резултира со еманципација на локални водачи и тенденција за нивно просторно осамостојување. Стабилизацијата во рамки на поширокиот Медитерански простор ги интернационализира историско-политичките конфликти и доведува пред се’ до повторно воздигнување на Византиската Империја, со што се потенцира нејзината амбиција за повторно завладување на старите територии. Нејзиното влијание јасно се отсликува во квалитетот на домашната култура и украсувањето, како и повторната циркулација на пари особено од последните децении на X век. Еден од најмаркантните локалитети кои го илустрираат ова време е Кале-Виница, кој по повеќе векови запуштеност засилено се обновува во VI век. Според делумно познатите сознанија раносредновековната населба на Кале се развива IX и трае до XI век, веројатно заменувајќи претходно војничко утврдување. Населбата има јасна хиерархиска структура со издвоена централна урбана целина, со најверојатно раководна улога и населба што се развива по падините на ридот. Предметите изложени во оваа витрина имаат употребна функција – мала стомна, макара за ткаење, огнило, клуч и др., како и серија накитни предмети – гроздовидна обетка, прстени и белегзии карактеристични за овој период.
Во вториот дел од витрината претставени се предмети карактеристични за развојните трендови во овој период, и тоа пред се’ христијанизацијата која на територија на Македонија никогаш не одумрела, туку со напливот на политички амбиции зема нов силен замав. Во прилог на тоа говорат серијата крстови-приврзоци и енколпиони, односно крстови реликвијари, кои во овој период почнуваат засилено да се јавуваат, некои од нив покажувајќи силни траги на истрошеност како последица на носење од можеби четири-пет или повеќе генерации. Подеднакво важна за одбележување е и осетливоста на делови од накитот, карактеристичните гроздовидни обетки и наушници, кои се јавуваат во широк вариетет на форми во оваа рана фаза, со продолжен развиток во тек на средниот вак, па и подоцна во Османлискиот период токму како одраз на нивната популарност на територијата на Византија.
Сразмерно најбројниот материјал откриван на археолошките локалитети, кујнската керамика, за жал не ја поседуваме во поголем број, па оттука принудени сме да ја претставиме во еден дел со серија фрагменти од садови по потекло од локалитетот Хиподром-Скопје од VII-VIII век во Витрина 151, фрагменти на садови од Баргала од истиот период во Витрина 152, и неколку поквалитетни и подобро сочувани керамички сада од Кале-Виница од IX-X век, едно грне од Демир Капија од VIII-IX век, и 2 сада – стомна и грнец по потекло од црквата Св. Софија од Охрид, од X-XI век, каде биле вградени како топлински изолатори и акустични елементи во сводната конструкција на апсидата на црквата во самиот почеток на XI век. Витрина 153
Заради продолжениот континуитет на владеење на Византија и опстојувањето на византиската култура од раниот византиски период, тешко е да се прекинат развојните процеси и да се подредат на историските случувања. Оттука, оваа развојна фаза која замира во XI век, како никулец на зрелата византиска култура ја претставуваме во нејзината целовитост, а продолжетоците ќе ја одразат нејзината еволуција во една поразвиена форма и време.
Љубинка Џидрова, археолог, кустос советник за средновековна археологија
Мартин Гиевски, кустос за XIX и XX век