Мермерен темплон – еден од најрепрезентативните споменици сочувани како културно наследство

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read
Еден од најрепрезентативните споменици сочувани како културно наследство по потекло од градот кај денешен Суводол е мермерниот темплон откриен при ископувања на ранохристијанска базилика
👇
Ископувањата биле започнати од локалните жители, за да бидат преземени во 1931-1934 год. од д-р Франц Месеснел, вработен во стариот Археолошки музеј во Скопје, односно во тоа време Музеј на Јужна Србија. По нивното откривање, деловите од темплонот, односно канцел преградата на олтарниот простор – храмот – заедно со остатоците од подниот мозаик биле пренесени во Куршумли ан. Дури во 1999 год. тие беа подложени на екстензивни конзерваторско-реставраторски испитувања и заштита. При тоа е изведена финална реконструкција на преградата и делумна идејна реконструкција на мозаикот.
Темплонот е изработен од локален мермер по потекло од рудникот Сивец кај Прилеп. Според неговиот изглед тој бил подигнат во 5 век, но како последица на рушења и оштетувања повеќекратно бил обновуван, за конечно со реконструкцијата да биде дефиниран неговиот последен изглед со парапетните плочи карактеристични за раниот 6 век поставени врз старите темели. Темплонот се состои од висока олтарна преграда која го затворала олтарскиот простор, т.н. bema или presbyterium, што се простирала се до источниот ѕид на црквата – апсидата. Во тој простор постоел полукружен синтронос, односно седишта за свештенството, а дополнителни скалести синтроноси биле изградени и странично од централниот простор, што говори за големината на верската заедница која тука се собирала. Во централниот простор била поставена чесната трпеза, mensa, од која се сочувани фрагменти, под која се наоѓала крипта со депонирани светителските реликвии, врз чија светост и под чија закрила била подигната црквата, а тие ги штителе верниците кои тука се собирале на молитва.

Напишете коментар