Керамичка светилка – Доцна антика

Доцната антика го означува периодот на преминот од класичната антика во среден век и со овој период се завршува античката археологија.
__
Експонатите од збирката на доцната антика кои се изложени во постојаната поставка на музејот се сведоштво за значаен период на Римската Империја, на длабоките политички и економски промени со кои всушност започнува трнсформацијата на Римската Империја во една подоцнежна форма на доцноантичка (доцноримска) култура, односно појавата на новата рановизантиска култура под чие влијание настануваат значајни промени на територијата на Македонија.
__
Предметите од оваа збирка се поделени во следните групи: керамички садови, керамички светилки, бронзени светилки, сребрен и златен накит, предмети од стакло, стаклена паста, коскени предмети, бронзени фибули, токи, мермерна декоративна пластика.
Помеѓу керамичкиот материјал, спаѓа и богатата колекција на светилки од 4-6 век.
__
👉Денеска во проектот #МузејскаЕдукација преку #Цртежи 🎨Ви ја претставуваме керамичката светилка најдена во една палата на археолошкиот локалитет Стакина чешма во Валандово, која потекнува од 4 век од н.е.
👇
Светилките служеле како средство за осветлување уште во предисторијата и во текот на вековите ја менувале формата и декорацијата. Тие служеле за осветлување на домовите, улиците и за други намени. Во доцноантичкиот период светилките имале разновидни форми, а се изработувале од керамика, бронза, сребро, стакло.
__
На светилката има претстава на млада месечина🌛, која е симбол на младата, убава божица на Месечината, позната како Селена во хеленската или Луна во римската митологија. Нејзин брат бил Хелиос, бог на Сонцето 🌞. Младата Селена, секоја вечер се возела по небото со својата кочија која ја влечеле крилати коњи🐎. Така го видела и се вљубила во младиот принц Ендимион, кој бил осуден од богот Ѕевс да биде во состојба на привиден сон. Селена сакала да го поминува времето со него и затоа се откажала од возењето по небото и секоја вечер ја поминувала со својот љубен.
__
Предизвик за цртеж број 🔟🎨: Нацртајте ја керамичката светилка со претстава на млада месечина или сликата на која е прикажана Селена на своите коњи 😊