Завршени се овогодинешните палеолитски истражувања во пештерата Голема Пешт кај с. Здуње. #MuseumMonday
👇
Пештерата припаѓа на типот едноставни и суви пештери и истата се истражува 11 години од 1999.
Има само една сала која е долга 31 метар, широка 18,5 метри и мало плато. Местоположбата ѝ овозможува добра прегледност кон околината и вештачкото езеро Козјак. Ископувањата се вршени во предниот дел со две сонди и во тилот со уште две сонди. Петата сонда е отворена минатата година.

Археолошкиот тим во оваа 2020 продолжи со ископувања во овој затскриен дел од влезот во сонда 5. Причина за овие истражувања токму во овој простор се: поголема или намалена населеност, намалено делување на вода, влага, ветрови, ерозии и др., но и потрага за прецизни датирања кои до сега покажуваа радијација во отворените предни зони од пештерата. Интердисциплинарно се вклучени физичко-хемиските методи ЕСР, ОСЛ, ДНА.

И во оваа кампања бројот на наодите е богат и со кварцни артефакти и со фосилни животински коски. Типолошки и технолошки литичкиот материјал е типичен за мустериен, фазата левалоа-мустериен со отсуство на горно палеолитски показатели (кои беа откриени во претходните сонди).
Токму оваа левалоашка техника која доминира во сонда 5 како и огништата на повеќе нивоа ќе бидат одличен извор за лабораториските испитувања кои се работат во Лајпциг и Њујорк.

Несомнено, материјалот припаѓа на неандерталскиот род и последниот егзактен датум од еленски заб е датиран со електро спин резонанса – ЕСР во 85.000 години пр.н.е.

Меѓу бројните примероци oд оваа сезона, куриозитет е откриената групација од 4 еленски заби со вилица, кварцни, животински фосилни артефакти и јагленчиња околу нив.

Раководител на проектот е м-р Љиљана Шаламанов-Коробар, кустос советник за палеолит, екипа: археолозите Благоја Китановски, м-р Перо Синадиновски, Сашко Василевски, архитект Марта Пејоска, технички лица Јован Ханџиски и Христо Ежовски.

Реализацијата на овој проект за сите овие години е благодарение на континуираната финансиска поддршка од Министерството за култура.