Изложбата “Статусните симболи кај пајонските заедници” претставува една перспектива на приказ на пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол (гробовите 334,357,359) и Милци (гробовите 111, 125) каде во изворна состојба, добро сочувани, среќаваме нови типови на религиозни комплети од групата на т.н. „Македоски-пајонски бронзи“. Со археолошките истражувања на некрополите од железното време во долното Повардарие во изминатите две децении откриени се многу нови материјали во бројните нови погребувања, како и нови типови на предмети од групата „пајонски бронзи“. Посебно се издвојуваат двете некрополи од железното време на “Лисичин Дол” кај с. Марвинци – Валандово, со откриени 403 погребувања и “Милци” кај Гевгелија со истражени 156 погребувања.
Преку хронолошки паралели и директни аналогии, со реконструкции на гробните прилози, претставени се пет богати женски погребувања, кои по своите специфични карактеристики се издвојуваат од останатите погребувања во населбата. Самата појава на предмети од типот на „македонски-пајонски“ бронзи ги издвојува по својот статус кој го имале во заедницата. Најпрво, бројноста на накитот и гробните прилози ја изразуваат нивната економска моќ, но најважниот елемент го имаат прилозите кои сами по себе имаат карактер кој може да се поврзе со култ кон сонцето или, пак, со некакви активности поврзани со самиот култ.
Како прототип на ваквите богати погребувања претставен е добро познатиот гроб на „свештеничката од Марвинци“ – гроб 15 од Лисичин Дол. Сите предмети кои имаат неоспорна култна содржина биле поставени врз телото на покојничката. Овој елемент на положување на предмети со култен карактер го среќаваме кај сите покојнички, така што предметите биле положени врз нивните тела, и тоа во пределот на градите или појасот и карлицата.
Поголемиот дел на предмети од типот на пајонски култни бронзи, не претставуваат инструменти кои одредени личности (свештенички) ги користеле во некои ритуали. Тие се само илустрација на култот кон сонцето, кој пајонските заедници несомнено го негувале, или пак се дел од неговата иконографија. Така, понекогаш среќаваме одредени предмети како висулци – птици или висулци – кафези кои се ставени на ѓердан од биконични перли и висулци кои се поставени на појасните гарнитури, како примерите кај покојничките од гробовите 357 и 359.
Посебно се издвојува покојничката со композитниот предмет “Култна Палка” од гроб 125, кој секако го издвојува и подигнува социјалниот статус на покојничката, но и ја одредува улогата која оваа покојничка ја имала во религиозни обреди.
Масовната употребата на „пајонските бронзи“, секако зборува за зголемената економска моќ на одредени поединци во заедницата, но и за постоење на некој ред кој се занимавал со одредени духовни манифестации поврзани со култот кон сонцето.
Предметите од групата на „пајонски бронзи“ сама по себе ги издвојува овие покојнички во рамките на заедницата, со што претставува израз на јасно издиференцирана социјална стратификација. Тоа е израз на првите раслојувања на племенската „аристократија“ во опшеството, и тоа по основа на економска моќ, која на крајот на железното време ќе доведе до формирање на нови општествени форми.Така покојничките секако биле лица со повластен статус помеѓу локалната световна аристократија.
Сите овие елементи проткаени низ изложбата “Статусните симболи кај пајонските заедници” укажуваат на еден нов момент во нашата престава за животот на долновардарските заедници. Во исто време, тие поттикнуваат занови размислувања, но и отвараат нови прашања за карактерот и живот на железнодопските пајонски заедници.
Изложбата е соработка помеѓу Археолошкиот музеј и Музеј Гевгелија и истата ќе биде отворена за посетители до март 2020.