Во просторот на реномираниот Музеј Ашмолијан во Оксфорд, во присуство на бројни гости, неделава свечено беше отворена изложбата „Замислувајќи го божественото: Империи на религијата, уметноста и појавата на светските религии“, која обединува експонати пронајдени од Ирска до Индија, со заеднички именител – првите претставувања на Врховното божество во пет различни религии : христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот и хиндуизмот.
Дел од изложбата се и девет теракотни икони од Виница, како едни од најавтентичните археолошки откритија на нашите простори и во светот. Ова престижно претставување на иконите во Оксфорд, во поширок светски контекст на вредно културно наследство, се оствари со поддршка на Фондацијата „Кирил Трајковски“, Археолошкиот музеј на Македонија и Министерството за култура на Република Македонија.
Во говорот при отворањето на изложбата, директорот на Ашмолијан, но и другите говорници, експлицитно го потенцираа значењето на присуството на македонските експонати на изложбата. На отворањето на изложбата, Македонија беше претставена од в.д амбасадорот во Лондон, Јасмин Ќахил, директорот на Археолошкиот музеј на Македонија, Горан Санев и основоположникот на Фондацијата „Кирил Трајковски“, г-ѓа Славица Вајт.
Теракотните релјефни икони од Виница се уникатен споменичен вид и дел од една од најрепрезентативните збирки на Археолошкиот музеј на Македонија. Збирката била многупати претставувана во многу музеи во светот. Откриени се во раните 1980-ти години, при археолошките ископувања на локалитетот Кале кај Виница. Релјефните плочи биле предмет на проучувања и претставување од наши истражувачи, кои до денес успеаја да ги идентификуваат во нивниот полн дијапазон и од сите верски, историски и културни аспекти, со оглед на специфичната формулација на нивниот иконографски и верски концепт.
„Нашето учество на оваа светска изложба, според нејзиниот споменичен, уметнички, верски и интелектуален потенцијал, е значаен придонес за афирмацијата на македонското културно наследство, а особено фактот дека тие ќе бидат претставени во најстариот универзитетски музеј на светот – Ашмолијан во Оксфорд“, соопштија од Археолошкиот музеј на Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 18 февруари 2018.
(текстот е превземен од страната на Министерство за култура на Р. Македонија )