Дел од ограда за олтарен простор во ранохристијанска црква - базилика, V/VI век
  • – Период/датација: Припаѓа на ранохристијанскиот период, поточно на 5 и 6 век
  • – Потекло: Археолошки локалитет Манастирец, с. Суводол, Мариово
  • – Материјал/техника: Олтарната преграда е изработена од мермер, кој бил исечен во плочи, а потоа украсуван со врежување, длабење и глачање на украсената површина.
  • – Димензии: Вкупната димензија на олтарната преграда до источниот ѕид на апсидата, простор во кој бил сместен олтарот, изнесува 4 м ширина и 9 м должина

Кратка приказна (опис):

Базиликата е откриена меѓу 1931 и 1934 година, откако на некоја жена од селото и се сонило дека тука има црква. Селаните веднаш почнале да копаат и кога виделе дека тука има голема градба, веднаш се јавиле во музејот во Скопје за да дојдат археолози и да ја истражат црквата. Била откриена голема рано-христијанска црква – базилика, на чиј источен крај, каде што обично стои олтарот, биле откриени испокршени остатоци од олтарна преграда.
Олтарната преграда служи да се заштити најсветиот дел на црквата, олтарот, без никој да не може да му пријде освен попот кој ја врши службата и другите свештеници. Денес ваквите прегради се викаат иконостаси, затоа што на нив стојат икони, кои во тоа време биле многу ретки и кај нас ги немало, освен можеби во најбогатите цркви.

Дел од ограда за олтарен простор во ранохристијанска црква - базилика, V/VI векОлтарната преграда го затворала целиот простор од нејзината предна страна до источниот полукружен ѕид на црквата, кој се вика апсида и во која се сместени седиштата за свештениците. Подот во тој дел од црквата бил покриен со мозаик. Олтарната преграда била составена од 9 мермерни столпчиња и 6 оградни плочи. Од нив 8 столпчиња биле високи и на нив стоела греда украсена со крстови. Оградните плочи биле украсени од двете страни. На внатрешната страна сите имале големи крстови, а на предната украсот бил во парови, по една иста плоча на левата и десната страна. Предните плочи имале геометриски украс, двете странични биле красени со медаљон во средината поврзан со машна со двата крста што стоеле секој странично од него, и третата помала била украсена со рибји крлушки, кои се симбол на Исус Христос.