Археозоологија е наука која се занимава со проучување на животинските коскени остатоци од археолошките локалитети, со цел подобро разбирање на односите меѓу луѓето и нивната околина, особено помеѓу луѓето и животинските популации. Во суштина, оваа наука се занимава со остатоците кои призлегуваат од храната на древните луѓе, остатоците од животните кои некогаш биле ловени, одгледувани, користени како транспорт, ритуално жртвување, изработка на коскени алатки и друго или едноставно животните кои егзистирале паралелно со луѓето.
Оваа наука се карактеризира со интердисциплинарни пристапи при проучувањето на животинските остатоци и заедно со другите специјализирани науки како физичката антропологија, археоботаниката, геологијата и хемијата ѝ служат на археологијата за добивање поцелосна слика за начинот на живот на нашите предци и околината во која тие живееле. Сепак, освен со шемите на човековото однесување, археозоологијата примарно се занимава со самите животни и нивната еволуција низ периодите.
Археозоологијата, иако не така нова наука, за овие простори е многу малку позната. Македонските археолошки локалитети нудат богат археозоолошки материјал, кој досега е многу малку истражен. За прв пат во Македонија, во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, е формиран оддел за археозоологија, кој од веќе наведените причини активно ќе се занимава со истражување, проучување и презентирање на добиените резултати од животинските коскени остатоци, со цел добивање поцелосна слика за животинските видови во минатото, нивната застапеност на археолошките локалитети во Македонија, морфолошките промени низ периодите и секако односот на човекот и животните.
м-р Анета Фиданоска, археозоолог