Антропологија

Антропологија

Почетокот на антропологијата започнува во 1983 год. во рамките на некогашниот Археолошки музеј на Република Северна Македонија. Со антрополошките истражувања се реконструираат физичкиот изглед на човекот во минатото, движењето и промените на палеодемографските карактеристики на населението низ времето со што се реконструираат животните услови, етногенетските и антропогенетските процеси низ праисториските и историските периоди, како и палеопатолошката слика на човекот во Македонија.

Извршена е антрополошка анализа на над 15.000 скелети од стотина археолошки локалитети. Тоа се, по хронолошкиот редослед поважните, праисториски: Маркова Сушица и Хиподром – Скопје, Водоврати и Уланци – Велес, Варвара – Скопје, Милци и Вардарски Рид – Гевгелија, Дедели – Валандово. Од античкиот период се Стоби – Велес, Скупи – Скопје, Марвинци – Валандово, Отошница и Опила – Крива Паланка како и средновековните: Демир Капија, Виничко Кале, Пепелиште и Бистренци – Неготино, Дуње – Прилеп, Орта Џамија и Водоча – Струмица и Плаошник – Охрид.

Реализирани се неколку повеќегодишни истражувачки проекти како “Антрополошки карактеристики на средновековното население од Црквиште – Демир Капија”, “Антрополошкиот профил на античкото население на Стоби”, “Средновековното население од Орта Џамија и Водоча – Струмица” и “Населението на Скупи”. Резултатите се презентирани во пет монографии и педесетина текстови во стручните списанија.

Во 2004 година експонирана е изложбата со наслов “Човекот во минатото во Македонија”, со дво и тродимензионални реконструкции на ликови (скулптури и цртежи) на тринаесет избрани индивидуи кои хронолошки припаѓаат на периодот од неолит до среден век, како и реконструкција на облекувањето, китењето и вооружувањето во минатото.

Скелетната збирка формирана од наоди откриени од Музејот на Република Северна Македонија, како и неколку илјади примероци со патолошки траги се чуваат во депото на институцијата.

д-р Фаница Вељановска, физички антрополог, кустос советник