Вотивен релјеф со претстава на богот Асклепиј и божицата Хигија

Во денешниот #MuseumMonday ви го претставуваме вотивниот релјеф датиран од 3 век, откриен во с. Ореовец, Прилепско, посветен на богот на лекувањето Асклепиј и неговата ќерка Хигија, заштитничка на здравјето.

Секоја традиционална култура има свои богови, полубогови и херои кои се поврзани со лечење, бидејќи медицината се сметала за божествена и чудесна способност.

Според грчката митологија откако Персеј ја отсекол главата на Медуза, божицата Атeна му ја дала протечената крв на Асклепиј за која се верувало дека е лековита и со чија помош тој успевал да ги оживее и мртвите.

Асклепиј научил да лекува од својот татко Аполон и Хирон и им го пренел своето знаење на неговите пет ќерки и три сина. Ефикасноста со која Асклепиј ги лечел своите пациенти, па дури и ги воскреснувал мртвите, придонела повеќе никој да не умира. Со тоа му била нанесена директна штета на богот на смртта Танатос, кој му се пожалил на богот Ѕевс, по што Асклепиј бил веднаш убиен.

Знаењето на Асклепиј за лекувањето понатаму го пренесувале неговите свештеници, од татко на син. Најпознатиот меѓу нив бил Хипократ.

Ќерката на Асклепиј, Хигија, пак играла важна улога во одржувањето на култот кон својот татко. Нејзиното име на грчки јазик значи „чистота“ (хигиена), што во антиката било сметано за основен предуслов за здравје, па додека Асклепиј лекувал, таа го продолжувала доброто здравје и ги спречувала болестите. Во античка Грција таа била позната како млада жена која во раката држи змија и сад со вода кој симболизира здравје.

Култот кон Асклепиј и Хигија бил широко распространет низ целиот антички свет. Им биле посветени бројни светилишта, т.н асклепиони. Најпознатите светилишта се наоѓаат во Епидаур, на островот Кос и во Пергам во Мала Азија. Во светилиштата доаѓале болни луѓе кои принесувале жртви, носеле разни подароци или оставале вотивни релјефи како што е нашиов, со цел да се пронајде лек, да добијат совети и да се излекуваат.