Археолошки истражувања на доцноантичкиот град Големо Градиште кај с. Коњух – 02.06.2022

Археолошките истражувања на доцноантичкиот град Големо Градиште кај с. Коњух, оваа година, се фокусирани на истражување на два сегмента – малата гробјанска базилика на југозападната страна на локалитетот, и – на централното градско подрачје за која се претпоставува дека била главниот плоштад на градот.


На југозападната страна на локалитетот, во 2014 година беше делумно откриена мала еднокорабна црква, за која, од откриените остатоци, се чинеше дека е мошне оштетена со земјоделските работи на овој простор. Расфрлените коски, гробот откриен на југоисточниот агол на црквата и случајните откритија на гробови при орањето на нивите на овој простор во минатото, сугерираат дека црквата била гробјанска – во функција на југозападната некропола на градот.


Продолжувањето на истражувањето оваа година го откри целиот ѕид на апсидата и поголемиот дел од северниот и јужниот ѕид на црквата, заедно со остатоци од поплочениот под, со што се покажа дека нејзината зачуваност е многу подобра отколку што претходно се претпоставуваше. Црквата датира од 5 или 6 век, со веројатност дека била повторно користена во текот на средниот век, на што одговор треба да дадат натамошните истражувања на просторот.


На северната тераса на локалитетот, продолжува истражувањето пред т.н. епископска резиденција и објектот од северната страна на епископската базилика. Просторот пред влезовите во овие објекти е отворен и широк. Од источната страна, кон него води поголема улица а неговата ширина и немањето на објекти укажува на веројатноста дека просторот бил (главниот) плоштад на овој непознат доцноантички град.


Истражувањата се во тек.