Денешната објава ја посветуваме на д-р Миодраг Грбиќ кој припаѓа на генерацијата на првите образовани археолози, формирана меѓу двете светски војни. Заедно со Никола Вулиќ и Милое Васиќ, тој прв ги започнал научните истражувања на дотогаш непознатите праисториски и антички наоѓалишта во Србија и Македонија.
Научната дејност на д-р Грбиќ била базирана на истражувањата на праисториските култури на Балканот, посебно на проучувањето на хронологијата и генезата на неолитските култури. Втора негова научна љубов била античката археологија, особено грчката и римската пластика.
Паралелно со истражувачката, се занимавал и со музеолошка дејност, учествувал во основањето на музејот во Битола.
Во март 1926 година, по покана од проф. Радослав Грујиќ, Миодраг започнува да работи како кустос приправник во Археолошкиот музеј во Скопје. Потоа учествувал во заедничките ископувања на локалитетот Градиште кај св. Еразмо крај Охридското Езеро во 1931 и 1932 година со претставниците на берлинскиот музеј на праисторија и рана историја во периодот 1933 -1939 г. повремено земал учество во истражувањата на античкиот град Стоби каде се откриени исклучителни мозаици и мноштво од архитектонски елементи.
Грбиќ заедно со Мано Зиси во периодот 1936 – 1938 г. вршеле надзор на систематските археолошки истражувања во Хераклеа .
Неговото име е втемелено во тамошните значајни откритија како што е утврдувањето на врвот на ридот, подножјето на ридот со две ранохристијански базилики, поплочени со прекрасни мозаици и дел од улица со водоводна мрежа.
Со овие откритија поставил цврст темел и прецизно го трасирал патот за идните археолошки ископувања.
На неолитскиот локалитет Породин кај Битола во археолошките истражувања (1953-1954) откриени се глинени модели на куќи, дотогаш непознати во археологијата, како и жртвеници украсени со зооморфни апликации. Населбата е издвоена како посебна културна појава и е дел од т.н. Велушко-породинска културна група од времето на неолитот.
Грбиќ зад себе оставил богата библиографија и значаен придонес во археологијата.