Археолошката збирка на предмети од збирката железно време содржи бројни предмети и претставува единствен репрезентативен пресек на железнодопската материјална култура на територијата на Македонија во една хронолошка рамка од XI до крајот на VI век п.н.е.
Предметите главно се добиени од археолошките ископувања во изминатите шеесетина год, дел како подарок или запленети од нелегалните ископувања. Збирката е исклучително разновидна по бројот на типови и под типови на предмети направени според специфичните функции на употреба, материјалите, техниките на изработка, како и начинот на декорирање, што во голем дел ја одредуваат регионалната и етничка припадност на оваа материјална култура на централен Балкан.
Таа претставува интегрална целина која ни дава целосна слика за животот во железното време во Македонија.
Железното време во својата развојна фаза претставува период на целосна стабилизација и експанзија во сите општествени сфери на заедницата, што резултирало со развој на силни и препознатливи локални културни вредности. Керамичната продукција е претставена преку две групи на керамика, рачно изработена и керамика изработена на грнчарско колце.
Застапени се сите познати железнодопски керамични форми (чаши, чинии, бокали, кантаровидни, амфоровидни и скифосоидни садови, грниња, пуранои и питоси). Во оваа група на предмети посебно се издвојува локалната керамика декорирана со сликање со црвена мат боја на лентести мотиви, карактеристична за втората половина на VII и VI век п.н.е.
Појавата на стандардизирано оружје и орадијата изработени од железо, како копја, стрели, мечеви, бодежи и ножеви се потврда за сите овие манифестации карактеристични за железното време. Значителна е појавата на богати погребувања, што зборува за постоење на привилегирана владеjачка класа, т.е. племенска аристократија видлива преку појавата на железни копја во машките погребувања и тоалетни реквизити.
Генерално накитот е добиен од женските погребувања и е поделен во неколку категории: накит за глава – обетки, дијадеми, салталеон; накит за врат и раце: ѓердани, фибули, белегзии, прстени, накит за појас: токи, фалери и копчиња, изработени од бронза, коска, стаклена паста и килибар, а поретко од сребро и злато.
Од исклучително значење е појавата на групата предмети „Македонско – пајонски бронзи“ која без сомнение укажува на еден посебен уметнички израз на единствените религиозни сфаќања на заедниците, на една поширока територија на денешна Македонија.
Овие предмети претставуваат оригинални изработки на локалните работилници, од бронза шупливо лиена и декорирани со врежани геометриски мотиви. Нивната употреба во одредени ритуали им дава карактеристика на култен накит, кој се носел од одреден ранг на луѓе во општеството.
Хронолошки се поделени во две групи, а типолошки во повеќе групи: висулци налик на птици, афионови чашки, со топчесто тело, минијатурни бокалчиња, консекративни рогови, затворачи за кани и делови од појасни гарнитури. Пајонците го обожавале сонцето на различни начини и во различни форми.
Најсилен израз се птиците, така што сонцето – херој најчесто било придружувано од птици. Овој култ бил чуван и одржуван од ред на свештенички, кои во рацете носеле еден композитен сет од висулци кој завршувал со афионова чашка во која се чувал катран од афион, употребуван во ритуалите.
- д-р Александра Папазовска, археолог, кустос советник за железно време
- Страхил Темов, археолог, кустос советник за железно време
- м-р Александра Чевреска, кустос за железно време