10 години од изградбата на Неолитското село во Тумба Маџари

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

Потребата за ревитализација на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, а особено развивањето на чувството за грижа и валоризација за најстарите културни достигнувања на нашите предци кај пошироката јавност,  ја создаде идејата за изградба на Неолитското село, како музеј под отворено небо.

Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Општина Гази Баба, а во организација на Музејот на Македонија – Скопје, во 2008 година започна реализација на проектот Неолитско село. Автори на проектот се м-р Елена Стојанова-Канзурова и д-р Драгиша Здравковски.

Во изминативе години се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8000 години.

Неолитското село е добитник на награда и признанија од: МНК ИКОМ по повод 18 Мај-меѓународниот ден на музеите, како најдобар музејски проект за 2010 година; Општина Гази Баба во 2011 година, во категоријата проекти за афирмација на регионалниот културен развој; Општина Гази Баба во 2017 година, по повод манифестацијата „Големата Мајка“за значајни остварувања во областа на културата.

Грижата и одржувањето на Неолитското село од 2014 година до денес продолжува во рамките на годишните програми за работа на НУ Археолошки музеј на Македонија

Овој музејски проект за презентација и популаризација на најстарото културно наследство во Македонија и пошироко сè уште не е заокружен. Во изминативе години нерешените административни и технички проблеми во Неолитското село не беа пречка да се реализираат многу вонпрограмски едукативни, туристички и разни културни активности за посетителите, а особено за предучилишната и училишната популација.