Отворање на изложбата ,,Статусни симболи кај пајонските заедници”

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

Денес, во Археолошкиот музеј се отвори изложбата ,,Статусни симболи кај пајонските заедници” која е соработка помеѓу Археолошкиот музеј и Музеј Гевгелија. На отворањето говореа директорот на Археолошкиот музеј, м-р Горан Санев, директорот на Музеј Гевгелија, г. Бобан Хусеновски и авторот на изложбата, кустос советникот, д-р Александра Папазовска.
Оваа изложба претставува една перспектива на приказ на пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол (гробовите 334,357,359) и Милци (гробовите 111, 125) кои по своите специфични карактеристики се издвојуваат од останатите погребувања во населбата, каде во изворна состојба, добро сочувани, среќаваме нови типови на религиозни комплети од групата на т.н. „Македоски-пајонски бронзи“.
Самата појава на предмети од типот на „македонски-пајонски“ бронзи ги издвојува по својот статус кој го имале во заедницата. Најпрво, бројноста на накитот и гробните прилози ја изразуваат нивната економска моќ, но најважниот елемент го имаат прилозите кои сами по себе имаат карактер кој може да се поврзе со култ кон сонцето или пак, со некакви активности поврзани со самиот култ.
Како прототип на ваквите богати погребувања претставен е добро познатиот гроб на „свештеничката од Марвинци“ – гроб 15 од Лисичин Дол. Сите предмети кои имаат неоспорна култна содржина биле поставени врз телото на покојничката. Овој елемент на положување на предмети со култен карактер го среќаваме кај сите покојнички, така што предметите биле положени врз нивните тела, и тоа во пределот на градите или појасот и карлицата.
Посебно се издвојува покојничката со композитниот предмет ,,Култна Палка” од гроб 125, кој секако го издвојува и подигнува социјалниот статус на покојничката, но и ја одредува улогата која оваа покојничка ја имала во религиозни обреди.
Масовната употребата на „пајонските бронзи“, секако зборува за зголемената економска моќ на одредени поединци во заедницата, но и за постоење на некој ред кој се занимавал со одредени духовни манифестации поврзани со култот кон сонцето.
Предметите од групата на „пајонски бронзи“ сама по себе ги издвојува овие покојнички во рамките на заедницата, со што претставува израз на јасно издиференцирана социјална стратификација. Тоа е израз на првите раслојувања на племенската „аристократија“ во опшеството, и тоа по основа на економска моќ, која на крајот на железното време ќе доведе до формирање на нови општествени форми.Така покојничките секако биле лица со повластен статус помеѓу локалната световна аристократија.
Сите овие елементи проткаени низ изложбата “Статусните симболи кај пајонските заедници” укажуваат на еден нов момент во нашата престава за животот на долновардарските заедници. Во исто време, тие поттикнуваат занови размислувања, но и отвараат нови прашања за карактерот и живот на железнодопските пајонски заедници.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до март 2020.