Светилките како средство за осветлување се употребувале уште во праисторијата. Во периодот на доцна антика керамичките светилки добиваат карактеристична форма и орнаментика. Нивното производство започнува во IV век, а главно се употребуваат во V-VI век.
За денешниот #MuseumMonday ви ја претставуваме бронзената светилка од Стоби, датирана од V век., и истата е изложена во Археолошкиот музеј.
Светилката е со мешест диск, подигната на високо прстенесто дно, со долг клун којшто има широк отвор. Капакот на дискот е во форма на школка. Држалката е со кружна форма, а со едниот крај таа го придржува масивниот крст. На средината на крстот и на клунот има алки за кои бил приврзан синџир.
Речиси идентички светилки се најдени на поширок простор на Римското царство.
Како луксузни и доста популарни предмети , бронзените светилки по пат на трговија стасувале во разни краеви на царството, за што најдобро зборува оваа светилка која се претпоставува дека припаѓала на големата група познати светилки од христијанската екумена.
Бронзените светилки служеле за осветлување на храмовите, домовите, улиците, јавните објекти и сл., а често биле приложувани и како дарови во базиликите. Бидејќи биле луксузни и поскапи нив ги поседувале само богатите римски граѓани.