Збирката „Епиграфика и камена пластика“ е составена од музејски предмети кои датираат од доцното бронзено време до доцната антика (XII век п.н.е.–IV век), од кои најбројни се оние од римскиот период (I–III век), а потекнуваат од сите делови на Македонија и Косово.
Епиграфските споменици се застапени со натписи на хеленски и на латински јазик. Збирката содржи извонредно важни и ретки документи во камен: декрети, списоци на ефеби, посвети на римските цареви, милјокази, тестаменти… Спомениците од приватен карактер главно се надгробни и вотивни. Надгробните споменици се најбројни во збирката и типолошки се разновидни: надгробни стели со натпис и со релјеф, ари, медалјони, саркофази, надгробни натписи испишани на столб, пинии. Меѓу нив се особено важни оние на ветераните на легиите на римската војска (IV и V Македонска, VII Клавдиева и IV Скитска). Збирката поседува десетина примероци од групата тиквешки надгробни стели, уникатни според својата иконографија и карактеристични само за тиквешкиот регион.
Вотивните споменици се застапени со натписи, релјефи, ари, статуи, статуети, подножја или фрагменти и глави на божества. Преку нив се огледуваат верувањата во божествата и почитувањето на култовите меѓу Македонците во овој период. Застапени се посвети на Ѕевс, Хера, Артемида, Херакле, Дионис, Диоскурите, Парките, Нимфи, Аполон, Афродита, Збелтурд, Митра.
Камената пластика содржи статуи, меѓу кои се особено важни женските од типот Голема Херкуланка и машките од типот Палијатус, подножја на статуи, статуети, бисти, глави на мажи или жени и фрагменти од статуи на коњаници.
Во лапидариумот на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија е направен пресек на епиграфските споменици и камената пластика од Македонија, експонирајќи ги типолошки и хронолошки вотивните и надгробните споменици заедно со монументалните статуи – врвните достигнувања на античката скулптура во Македонија. Посебно место завземаат камените споменици од античка Стибера пронајдени in situ во текот на археолошките ископувања во 1953 год.: бистите на Тит Флавиј Орест и неговиот син Филоксен, статуи на Асклепиј и Дионис, статуи и списоци на ефеби од Гимназионот.
д-р Славица Бабамова, епиграфичар, кустос советник