Палеолитското наоѓалиште Голема Пешт се наоѓа на 65 км од главниот град Скопје во близина на селото Здуње и над новоформираното езоро Козјак (некогашна река Треска). Пештерата е долга 35 м и широка 18м, има мало плато пред неа и поглед и прегледност на целата околина и кон север кон југ.
Досега се поставени различни по димензии сонди и регистрирани се 22 геолошки слоја. Откриени се камени ракотворби (орудија и оружје) и животински остатоци. Типолошките и технолошките белези на материјалните наоди укажуваат на постоење на среден палеолит. Прелиминарни податоци од анализата ОСЛ – лабараторија на Институтот Макс Планк, Германија – се однесуваат на слоевите 2 и 3 со старост од 60.000 години п.н.е. За слојот 5 датумот е 104.000 п.н.е.
Годинава е отворена петта сонда во десниот бок на пештерата. Преовладуваат животински остатоци кои не се само внесувани во пештерата како храна туку коските се модифицирани од страна на човекот и најверојатно употребувани како орудија/оружје.
Вториот елемент особено значаен за палеолитската култура е откривањето на камените артефакти употребувани за алат од страна на неандерталската популација. Изборот е особено интересен. Станува збор за наоди од горски кристал. Најверојатно оваа суровина е бирана и поради тврдината како и поради убавината и прозрачноста на овој минерал.
За крајот на ископувањата е предвидено собирање на седиментацијата за уште шест наредни слоеви и повторување- доставување на истите од минатата година за анализата ОСЛ. Резултатите се очекуваат за една година.
Археолошките истражувања на лок. Голема Пешт се долгорочен проект на Министерството за култура на Република Северна Македонија и во тек е реализација на десеттата сезона. Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија. Раководител на истражувањата е м-р Љиљана Шаламанов-Коробар.