Архајски период

Архајскиот период е еден од најзначајните раздобја на хеленската култура и следи по геометрискиот стил во периодот од 660 г.ст.е. и трае до појавата на класичниот период од околу 460 г.ст.е. Овој период кој е наречен и пре класичен период се карактеризира со создавање на градови-полиси, колонизација и цутење на трговијата и занаетчиството. Во уметноста се чувствува влијанието на Источните цивилизации особено на Египет, како во архитектурата, така во монументалната пластика и сликањето на вазите. Атина претставува голем производствен и културен центар. Сликањето на вазите еволуира, од геометриски форми во појава на човечки фигури, со епски,  митолошки теми и сцени од секојдневниот живот.

Влијанието на уметноста од Атина се шири кон север и на територијата на античка Македонија. Во текот на втората половина на 6 в.ст.е. зголемената економска моќ на населението довела до создавање на градови во кои цутело занаетчиството, трговијата и формирање на владејачка класа, која на крајот на железното време и појавата на раната антика, ги следи светските модни трендови кои доаѓаат од југ. Сето ова резултирало со побарување на луксузни предмети од старогрчките трговско-занаетчиски центри, како и на локална продукција на истите.

На територијата на античка Македонија, во текот на 20-ти век, вакви предмети се пронајдени на локалитетите во Охридско-Струшкиот регион, Прилепско-Битолскиот регион, Неготинско, Кавадаречко, Демир Капија, Скопско и др. Репрезентативен пример за ова претставуваат наодите од Требениште кај Охрид (античкиот град Лихнид), златните маски, ракавици, сандали, разновиден златен, сребрен и бронзен накит, фибули, игли, разни апликации, триножници, оружје-копја, мечови, шлемови, штитови, кнемиди, како и сребрени, бронзени и керамички садови кои денес се наоѓааат во поставките на  Народниот Музеј во Белград и Археолошкиот музеј во Софија. Со новите археолошки истражувања меѓу 2001-2011 г. на локалитетот Горна Порта кај Самуилова Тврдина во Охрид, се пронајдени голем број на предмети кои се изложени во поставките на Завод и музеј во Охрид и Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Меѓу нив се издвојуваат златната маска, ракавица, златен и сребрен накит, разни бронзени и керамички садови и други предмети кои потекнуваат од крајот на 6 в.ст.е. и почетокот на 5 в.ст.е.

Не помалку есклузивен наод е бронзената фигура на мајнада пронајдена во една гробница од Тетово, која претставува апликација од рачка на голем бронзен сад за вино–кратер. Мајнада (менада) е девојка танчерка  придружничка на богот Дионис и учесничка во неговите прослави. Таа е датирана од (520-510 г.с.т.е.) и е изложена во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија. Фгурата се одликува со големи уметнички и културни вредности и претставува ремек-дело на мајсторот уметник од тоа време на поширокиот простор.

Денес артефактите од архајски период низ музеите во нашата земја се сместени во музејските збирки од железно време и класичниот период. Доколку се направи нивно издвојување од овие збирки, ќе се создадат нови музејски  збирки со предмети од архајскиот период и тоа ќе допринесе да се појасни сликата за животот, културата и обичаите на луѓето од тоа време, како и застапеноста и влијанието на центарот на оваа уметност Атина, во овој дел од античка Македонија и пошироко.

 

д-р Роберт Петковски

виш кустос за архајски период