Традицијата за основањето на градот Рим се поврзува со браќата близнаци Ромул и Рем, родени во Алба Лонга во близина на идниот Рим. Нивната мајка била свештеничка и ќерка на кралот на Алба Лонга, а нивниот татко бил богот на војната, Марс.
Кралот на Алба Лонга од страв за својот престол му се спротивставил на богот фрлајќи ги децата во реката Тибар со цел тие да се удават и да исчезнат. Сепак, човековата алчност не можела против боговите, па близнаците биле исфрлени на брегот од реката.
Гладни и исплашени биле задоени од волчица која со тоа ги одржала во живот, се’ додека тие не биле пронајдени и спасени од еден овчар кој потоа ги одгледал како свои деца. Сепак, нивната предодредена судбина била многу поголема од тоа, па наскоро нивниот идентитет бил откриен. По ова близнаците заминале на брегот на реката Тибар каде што сакале да основаат свој нов град. Потоа Ромул го убил Рем и градот го нарекол според своето име (лат. Рома). Така, градот Рим бил основан со крв, односно својот живот го добил ритуално.
Основањето на Рим се поврзува и со Венера, божицата на љубовта, убавината и копнежот. Нејзиниот митски син Енеј, единствниот преживеан од падот на Троја, во војната се преселил во Италија. Многу векови подоцна, тој ќе биде почитуван како директен предок на Ромул и Рем.
На овој начин божицата Венера била почитувана како главен патрон на градот, а многу императори својата фамилијарна лоза ја поврзувале директно со неа. Затоа и таа го добила најголемиот и најубавиот храм во градот Рим. Нејзиното име го добила и најсветлата и најубавата планета, која е најблиску и највидлива до Земјата во месецот април, кога и се одржувал еден од најголемите фестивали во Рим во нејзино име и чест.
Во постојаната поставка на Археолошкиот музеј се обединети во збирка од овој период речиси сите најрепрезентативни и уникатни римски артефакти.
Дел од нив веќе беа презентирани на социјалните мрежи како: теракотната фигурина на Венера, теракотната играчка- коњаници, бронзената фигурина на планински јарец, бронзената биста на Силен, љубовната приказна на Купид и Психа итн.