Завршено овогодинешното истражување на локалитетот Стакина Чешма во Валандово како дел од Годишната програма за работа за 2021 г.

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

Античкиот локалитет, Стакина Чешма во Валандово е уникатен и препознатлив по своите впечатливи подни мозаици. Овој локалитет е евидентиран во седумдесетите и осумдесетите години и истиот континуирано се истражува уште од 1987 г. под раководство на Мила Шурбановска.

Овој објект работно се нарекува Римски домус и во изминатите 33 години на овој локалитет се истражени осум простории со подни мозаици со различна техника на изработка и еден базен со полукружна форма.

Досега постоеја две претпоставки.
Првата е дека една од просториите е дел од втор објект, а другата дека овој дел припаѓа на веќе постоечка палата.
Претпоставките беа засновани поради постоење на колскиот пат кој ги делеше архитектонските остатоци.
Голема благодарност до Општина Валандово за дадената поддршка и помош при отстранување на колскиот пат, со што ни се отвори нов простор за работа и можност за добивање на нови сознанија.

Со овогодинешните истражувања беше пронајден дел од просторија со мозаик изработен во opus tessellatum.
Според техниката на обработка и стилските одлики на мозаикот утврдивме дека остатоците од двете страни на патот претставуваат една просторија, односно дека станува збор за еден репрезентативен објект со мозаични подови над 500 м².

Раководител на проектот е проф. д-р. Антонио Јакимовски, ко-раководител е Радомир Ивановиќ, кустос во Археолошкиот музеј, а стручниот тим го сочинуваа , Мила Шурбаноска, пензиониран кустос советник од Археолошкиот музеј, Пенче Кралев, археолог од ЈОУ Дом на култура ,,25 мај”, Перо Синадиновски, дипломиран археолог, Игор Ширтовски, дипломиран археолог и д-р. Христијан Талевски од ЈНУ ,,Институт за старословенска култура”.

Паралелно со проектот на Археолошкиот музеј, во соработка со НУ Завод и Музеј – Струмица под раководство на Ване П. Секулов, во тек е изработка на проект за конзервација на ова ретко културно наследство.