Дамата со еднорог

Дамата со еднорог е дело кое привлекува особено внимание и самата историја на оваа слика е доста интересна.

Дамата со еднорог

Имено во 1934 – 1936 г. се врши конзервација на една слика (масло на панел) со претстава на Св.Катерина Александриска за која се мислело дека е дело на Перуџино.

Со помош на X зраци откриено е дека постои постара сцена врз која во XVII век од непознат сликар е досликан плашт врз рамената, скршено тркало и палмово гранче.

Со отстранувањето на овие атрибути сликата добива нов изглед со претстава на млада дама која на местото каде што било скршеното тркало се појавува еднорог.

Благодарение на оваа конзервација го добиваме денешниот изглед на ова ремек дело.

Критичарите утврдуваат дека е изработена од Рафаело па така сликата добива наслов ,,Дама со еднорог“.

Ја насликал во 1505 – 1506 г. во Фиренца. Девојката е облечена во фустан од зелен и црвен сомот сместена во лоџиа со столбови.

Околу нејзиниот врат виси златен приврзок со црвен драг камен и бел бисер во форма на капка.

Во позадината е пејзаж кој на сликата и дава длабочина, а фигурата ја истакнува во преден план.
Се поставува прашањето која е оваа личност. Не гледаме прстени на нејзините раце што е доста необично имајќи предвид дека во тоа време женски портрети обично се сликале при венчавки.
Во исто време дамата цврсто држи во рацете еднорог кој е симбол на девственост, а според средновековните легенди ова митско суштество може да го скроти само девица, што не’ наведува на фактот дека девојката на сликата е се уште немажена.

Во 1959 г. оваа слика повторно е третирана под X зраци па е утврдено дека под еднорогот Рафаело првобитно насликал куче кое во негово време било симбол на семејна верност со што мистеријата околу идентитетот на личноста станува уште позагадочна. Некои претпоставуваат дека тоа би можело да биде младата Мадалена Строци сопругата на Ањоло Дони. Другата верзија е дека е тоа Џулија Фарнезе љубовницата на папата Александар VI Борџиа, (историчарите утврдиле дека семеен симбол на фамилијата Фарнезе е еднорог) или е можеби Лаура Орсини роднина на озлогласената Лукреција Борџија.

Евидентно е влијанието од Леонардо пред се’ од неговата ,,Мона Лиза” и ,,Дамата со хермелин”, како што е самата поставеност на фигурата (поза под агол), преклопените раце, пејзажот во позадината и воздушестата перспектива. Но сепак изразот на лицето и погледот е поинаков од оној на Мона Лиза позната по нејзината загадочна насмевка и таинственост.