д-р Драгиша Здравковски (1952 – 2015)

Животниот пат на д-р Драгиша Здравковски, започна во 1952 година, во малото
и питомо овчеполско гратче Свети Николе. Истражувачкиот и љубопитен дух, но и
големата љубов кон археологијата го однесоа во Скопје, каде во 1979 година
дипломира на катедрата за Историја на уметност со археологија. На истата катедра во
2004 година го одбрани својот магистерски труд, а во 2006 година и докторската
дисертација. Две години подоцна, Драгиша Здравковски е избран за научен
соработник. На катедрата за археологија на Филозофскиот факултет, во периодот од
2008 до 2012 година, беше вонреден предавач по предметот Археологија на Блискиот
Исток 1 и 2.
Во 1981 година се вработува како археолог, кустос за младо камено време во
Музејот на Македонија во Скопје. Работниот и животниот век го завршува како
археолог, кустос советник за неолит во НУ Археолошки музеј на Македонија во
Скопје. Во текот на својот професионален живот ги извршува и функциите заменик-
директор и в. д. директор на Музеј на Македонија. Богатата и плодна работна кариера
на Драгиша Здравковски може да се следи во повеќе области од заштитата на
културното наследство, неговата презентација и валоризација.
Почнувајќи од своите студентски денови, па скоро до крајот на својот живот, тој
работи со голем жар и ентузијазам на истражувањата на повеќе археолошки
локалитети во Македонија и во странство. Резултатите од истражувањата ги објавува
во многубројни стручни публикации за културното наследство. Неговиот личен
интерес е предисторијата, но работи и на други научни проблематики во македонската
археологија. Драгиша Здравковски водеше перманентна грижа за збогатување на
музејскиот фундус, особено на една од најатрактивните и научно најпредизвикувачки
збирки во македонската археологија – неолитската.
Професионално се ангажира и во организирањето на голем број изложби
поставени во Музејот на Македонија, низ Македонија и низ странство. Посебно се
залага за завршување на постојаната музејска поставка Етнологија на Македонија, во
која тој внесува многу труд, енергија, време и знаење. Во периодот по
осамостојувањето на Република Македонија, своето големо професионално искуство,
многубројни лични пријателства, ги употребува за организирање на изложбите за
познатите Теракотни икони од Виница, во неколку реномирани музеи во повеќе
европски културни, научни и политички центри. Теракотните икони од Виница ја имаа
културната дипломатска мисија и станаа најекспортиран музејски бренд на Република
Македонија препознатлив во културната и научната јавност. Драгиша Здравковски
паралелно работи и на донесување и поставување големи изложби од странство во
Македонија. Како заменик-директор и како в. д. директор на Музеј на Македонија
покажува големо разбирање за современото ликовно творештво, за младите уметници
и грижа за постарите.
На полето на издавачката дејност, тој е секретар на редакцијата на
реномираното археолошко списание Macedoniae acta archaeologica од бр. 8 до бр. 15,
член на претседателството на Македонското археолошко научно друштво. Драгиша
Здравковски беше претседател и член на повеќе управни одбори и совети на неколку
музејски институции во Македонија, разни работни комисии. Тој беше и член во
Советот за култура на Министерството за култура. Во 2014 година тој е предложен за
највисоката државна награда 23 Октомври, што се доделува за особен придонес на
полето на културата на Република Македонија.

Ангажманот како коавтор на проектот Неолитското село во Тумба Маџари,
презентацијата и афирмацијата на културното предисториско наследство на Република
Македонија, заслужено му се верификува со признанија.
Дел од наведените професионални активности на Драгиша Здравковски, се
непобитна потврда за богатата кариера во полето на археологијата и музеологијата,
искажана преку истенченото чувство за важноста и улогата во негувањето на
националниот дух, умешно користејќи го во афирмацијата и презентацијата на
културното наследство на Република Македонија.