Геомагнетни и контролни археолошки ископувања на лок. Мали Дол во с.Тремниk, Неготино

Археолошкиот локалитет Мали Дол кај с. Тремник, Неготино систематски се истражува од 2009 г.
Оваа година за прв пат се применети снимања со георадар што ни овозможи да добиеме слика за концентрацијата на гробовите.
Генерално целите на ова систематско истражување беа да се истражат некрополите од Мали Дол, детерминирани во два хоризонти на погребување, кои имаат различен оптег на дисперзија во просторот во различни временски периоди.

Првенствено, улогата на овие ископувања е да се заштити некрополата од нејзино оштетување со земјоделските активности на просторот, а потоа и да се одреди нејзиниот карактер, да се дефинира изгледот, големината, да се утврди нејзината позиција во однос на соседните локалитети (на пр. населбинските остатоци на локалитетот Чаир Рид) и поставеност во просторот, односно да се одреди просторот на нејзиното протегање. 

Значењето на некрополите на Мали Дол е токму во долготрајната употреба на просторот за погребување. Резултатите од ископувањата ни даваат слика за карактерот на оваа некропола, а преку материјалната култура можеме да го дефинираме и прашањето за културниот идентитет на овие предисториски заедници.

Со овогодинешните геомагнетски снимања и истражувања на просторот во локалитетот Мали Дол во с.Тремник беа откриени 7 погребувања од кои 4 урни и 3 камени цисти.

Раководител на истражувањето е д-р Александра Папазовска, останатиот дел од стручниот тим го сочинуваа Костадинка Филипова виш кустос од Музеј на град Неготино, м-р Александра Чевреска, кустос, Никола Хаџи Николов, документатор, Гордана Младеновска, конзерватор, Илија Бошковски, археолог, Радомир Ивановиќ, кустос и Мартин Гиевски, кустос во Археолошкиот музеј на РСМ.