„Златниот човек“ од Казахстан во Археолошкиот музеј во Скопјe

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

На 11 јули во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во Скопје ќе биде отворена ексклузивна изложба од Националниот музеј на Република Казахстан, од Нур-Султан, насловена „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“.

Во фокусот на изложбата е најпознатото и најзначајно археолошко откритие на Казахстан – Златниот човек, познат и како казахстанскиот Тутанкамун, датиран во 5 век п.н.е.  Научниците го идентификуваат како 18-годишен воин на народот Сака.

Златниот човек е откриен во тумуларна гробница во Исик, во близина на градот Алмати во 1969 година. Неговото тело е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека златните обетки и прстени кои се пронајдени во гробот, исто така, му припаѓаат нему.

Од прогласувањето на независноста на Казахстан во 1991 година, Златниот човек станува симбол на казахстанското национално богатство. Изложен е во Националниот музеј во Нур–Султан и патува низ музеите во светот со цел да се промовира културното наследство на Казахстан и пред светската публика.

На оваа изложба, која ќе биде отворена до 11 август о.г., ќе бидат изложени 189 ексклузивни предмети, меѓу кои: накит, предмети со рунски натписи, воена опрема, коњска опрема и традуционални ракотворби и сл.

Влезот за посетителите ќе биде бесплатен.

Видео: https://www.youtube.com/watch?v=XVHEX2EC1o4&feature=youtu.be