- Главен објект: кукла – манекен
- Име на предметот: Кукла (манекен) која претставува лик на жена од раниот среден век.
Таа припаѓала на една војничка култура што се вика Комани-Крује и која се простирала на просторот на западниот дел на Балканскиот Полуостров, главно во Албанија, западна С.Македонија и западна Грција - Период/датација: Ран среден век, поточно 7 и 8 век
- Потекло: село Радолишта, Струга
- Материјал/техника: 2 големи полумесечести наушници изработени од бронзен лим. Ѓерданот бил составен од стаклени мониста/топчиња, металниот обрач што се носел околу вратот, торквес, бил изработен од бронза и бил омотан со тенка бронзена лента, која поради долгото носење отпаднала. Приврзокот во вид на крст бил изработен од тенок бакарен лим, а украсниот приврзок за појас бил излиен од бронза. На појасот виси и мало железно ноже.
- Димензии: Куклата е во природна големина и е претставена до струкот.
Кратка приказна (опис):
Куклата е облечена во памучна кошула и е загрната со памучна наметка, марама, која во зима била од волна. Таа била закопчана на едната страна со фибула, односно голема игла/брош. Под марамата, заплетена во косата била лента на која виселе големи бронзени наушници, додека на ушите таа носела помали обетки. Околу вратот носела ѓердан од стаклени мониста/топчиња, повеќето жолти по боја или шарени, додека на тенко каивче околу вратот носела приврзок во вид на крст, што покажува дека таа била христијанка. Околу вратот носела и голема алка од бронза, што се викала торквес. На струкот кошулата била врзана со каиш од кожа, на кој виселе приврзок од бронза и ноже.
Ликот е направен според наоди откриени со археолошки ископувања на стари средновековни гробишта, каде вакви наоди се повторувале во гробовите на жени. Тие припаѓале на една војничка култура од времето на раниот среден век, време на сиромаштија и постојани преселби, кога семејствата на војниците биле населувани во близината на градовите и патиштата што требале да ги бранат. Бидејќи Византиското царство било многу сиромашно, тоа не можело да ги плаќа војниците за нивната работа, па затоа им доделувало земја што семејствата во време на мир ја обработувале и од неа се хранеле, а во време на војни ги бранеле градовите. Наодите, иако скромни, покажуваат дека и тогаш жените сакале да се дотеруваат и китат. Меѓутоа војниците често гинеле во војните, и нив ги наследувале нивните жени и деца, кои продолжувале да се грижат за земјата. Во наследство заедно со задолженијата тие ги примале и обележјата на војниците: големата бронзена алка околу вратот, фибулата и приврзокот на појасот.
- Име на предметот: дел од украс за жена
- Период/датација: ран среден век, поточно 7 и 8 век
- Потекло: село Радолишта, Струга
- Материјал/техника: Украсот се состои од ѓердан долг 38 см изработен од стаклени мониста/топчиња, метална алка, торквес, што се носела околу вратот изработена од бронза и обмотана со тенка бронзена лента, која поради долгото носење отпаднала. Приврзокот во вид на крст бил изработен од тенок бакарен лим и се носел на тенко кожено каивче.
- Димензии: Ѓерданот бил долг 38 см, торквесот имал дијаметар 9 см, а крстот 4 см.
Кратка приказна (опис):
Во сите времиња низ историјата жените сакале да се китат и дотеруваат. Овој накит претставува дел од украсот на една жена на војник, која со своето семејство освен што учествувала во одбраната на патот Виа Егнатија, во време на мир ја одгледувала земјата што била дадена на нејзиниот маж за живеење и прехрана на семејството. Освен големата алка/торквес која таа ја наследила од својот маж-војник, таа се китела и со шарени ѓердани и бидејќи била христијанка, околу вратот носела приврзок во вид на крст.
Аудио нарација на англиски