НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија под раководство на кустос советникот, Илинка Атанасова во соработка со Благица Стојанова од Музејот во Виница, го реализираше проектот „Евиденција на стари печатени црковни книги од 17 до 19 век во Кочанско“.
Во проектот беа опфатени книги кои се во сопственост на црквите во Кочанската епархија (општините: Кочани, Виница, Чешиново-Облешево со населените места).
Досега се евидентирани 250 книги, печатени во различни печатници: Москва, Киев. Белград, Софија, Љубљана, Сараево и со понов датум, околу средината на 20 век, во Скопје.
Засега најстарата забележана книга датира од крајот на 18 век односно 1789 год. и истата е печатена во Москва.
Сите книги се со црковна содржина: минеи, евангелија, триоди, октоиси, требници и сл. Во нив наоѓаме и сочувани ракописни белешки за приложниците, имиња на учителите кои учителствувале во соодветните населени места, податоци за несекојдневни случувања како што се земјотреси и направени штети од невреме и слично.