Прес-конференција и предавање

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

Денес, во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија се одржа прес-конференција по повод утрешното отворање на ексклузивната гостувачка изложба  Големата степаисторија и културакоја е во рамките на проектот Процесијата на Златниот човек низ музеите ширум светот и предавањето “Златниот човек: Културно наследство на Античките номади од Централна Азија”.

На прес-конференцијата говореа директорот на Националниот музеј на Република Казахстан, г-дин Нуразхан Алмаз Шајкенович, директорот на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, г-дин Горан Санев, директорката на Управата за заштита на културното наследство,  д-р Елеонора Петрова Митевска, претставникот на Министерството за култура, г-а Македонка Коцевска и г-дин Смагулов Тимур Нурланович, археолог и директор на центарот “Маргулијан”, a помеѓу присутните беше и амбасадорот на Русија, Н.Е. Сергеј Баждникин.

Директорот на Археолошкиот музеј, г-дин Горан Санев денеска на прес-конференција искажа задоволство што токму тие се први на Балканот што еден месец ќе ја угостат оваа ексклузивна изложба, која досега била поставена во осум градови (Минск, Москва, Баку, Сиан, Гдањск, Сеул, Казан и Ташкент). Според него, тој факт кажува дека е препознаен високиот професионализам, сериозност и искуство на Археолошкиот музеј.

-Изложбата нема да ве остави рамнодушни. Оваа приказна започнува во четвртиот и третиот милениум пред нашата ера, со првите докази за доместификацијата на коњот и неговата последователна улога во животот на номадските народи на степите. Продолжува преку наследството на античкиот народ Сака за да заврши со бисерите на материјалната култура и народната традиција на денешен Казахстан. Сепак, во фокусот на изложбата е веројатно најзначајното археолошко откритие и симболот на Казахстан – Златниот човек на Сака од 5 век п.н.е., нарекуван уште и казахстанскиот Тутанкамон, рече Санев.

Директорот на Казахстанскиот музеј Нуразхан Алмаз Шајкенович истакна дека Северна Македонија годинава е трета дестинација на нивната изложба затоа што, рече, имаат добра соработка и во минатото. Досега се пронајдени осум златни војници кои ги чуваат во нивниот музеј. На изложбата претставуваат еден од нив, а планираат сите заедно првпат да ги претстават на изложба во САД.

– Меѓу пронајдоците се таксајската царица, големо погребување целосно во златна облека и со тринаесет коњи. Пронајдени се и осум златни луѓе, како што ги викаме. Настапуваме со тој што е откриен во 1969 година, кој е симбол на Казахстан и го има називот „казхастански Тутанкамон“. Се гордееме со него и со овие патувања сакаме да му покажеме на целиот свет за нашата историја, истакна Шајкенович.