Започнувајќи од денес, секој понеделник, кога музејот е затворен за посетители ќе ви презентираме интересни содржини за
👉 #MuseumMonday
Денес ви ја претставуваме праисториската дама од Тумба – Маџари, која е дел од каталогот со кој се приклучивме во ЕДКН.
Во литературата е насловена како Голема Мајка или Magna Mater, датирана 5.000 год. п.н.е, среден неолит, откриена е во осумдесетите години од минатиот век, со археолошките ископувања раководени од археологот Воислав Санев и истата е изложена во Археолошкиот музеј.
Откриена е во девастирани остатоци од неолитска куќа, во непосредна близина до огништето. До сега на овој локалитет се пронајдени над 20 вакви праисториски дами, во над десетина куќи, но некои од нив се во фрагментирана состојба.
📌За овој предмет се вели дека говори.
Во периодот на праисторијата, кога сѐ уште недостасува пишаниот збор, втисокот во глина изведен од тогашните предци ни говори и воедно ни овозможува да разбереме сегмент од нивното секојдневие:
📍Големата мајка била високо почитувана, стожер и чувар на домот и семејството
📍Жената со големо внимание ја одржувала својата убост
📍Низ претставата на моделот од куќа може да се забележи неимарскиот дух на нашите предци кои биле добри градителски познавачи, па така се создава можност за реално да ги доживуваме градбите од тој период
📍Бројноста на откриените Големи мајки, централно поставени во домовите, го наметнува заклучокот дека тогашните жители имале богат духовен живот и силна верба во жената- мајка, изразени низ вакви теракотни изведби.
📌Начин на изработка
👇
Во цилиндрична форма изработена е допојасна претстава на жена која е централно поставена на шуплива правоаголна основа од модел на куќа. Таа е со интересна фризура изведена со плетенки и отвор на тепето од главата. Ликот е со нагласени очи, веѓи и нос. Моделот од куќата е со шуплив централен дел, со повеќе елипсовидни отвори на страниците, како прозорци, а влезната партија е во форма на буквата М.
Задоволство и чест ми е што бев и јас во стручната екипа при истражувањата
– Ирена Колиштркоска Настева
Археолог