Вчеравечер во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија се отвори долгонајавуваната изложба ,,100 години Требениште”
Изложбата беше отворена од Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев како покровител на овој настан, а свои обраќања имаа и директорот на Археолошкиот музеј во Скопје, г. Горан Санев, директорката на Народниот музеј во Белград, г-а Бојана Борич Брешкович, директорот на НАИМ при Бан во Софија , г. Христо Попов, Министерот за култура во Бугарија, г. Боју Банов, помошник министер за меѓународна соработка во Србија, г-а Асја Драча Мунтеан и Министерот за култура на Северна Македонија, г. Асаф Адеми.
,,Раководителите и кустосите на овие институции направија историски и значаен чекор за да се прослави 100-годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет. Оваа благородна иницијатива ги тргна разликите настрана за да се фокусира на нештата што обединуваат, наместо на нештата што делат. Сега епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, имаат шанси заеднички да ја решат националните историски археолошки институции од Бугарија, Србија и од Северна Македонија, а зошто да не и во соработка со соодветни институции понатаму и од Грција” истакна г. Зоран Заев.
,,Со оваа изложба многу нешта се случуваат по првпат во нашата земја, на Балканот, во Европа. Требениште е прв, ако не и единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран во светот преку три музеи од трите земји и сега првпат пред светот е претставен како целина” укажа директорот на Археолошкиот музеј, г. Горан Санев.
,,Чест беше за нас што ја создадовме оваа изложба да добиеме можност да продолжиме нешто што било желба и сон на многу наши предци, на многу научници од Софија, Белград, Охрид, Скопје. Тоа е голема чест, но и голема одговорност што обврзува. Тука сретнав луѓе што со години мечтаеја за таква изложба, на пример Паско Кузман, а и Павлина Илиева од Софија” – рече во своето обраќање директорот на НАИМ при БАН во Софија, г. Христо Попов.
,,Соништата се остварија, севкупните резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан” – истакна директорката на Народниот музеј во Белград, г-а Бојана Борич Брешкович.
Изложбата е отворена за посетители до 31 август