Денес, во музејот на Град Неготино се одржа отворањето на изложбата ,,Некрополите на Мали Дол”. Изложбата ја отвори Драгица Чекорова, дирекорката на музејот на Град Неготино и м-р Горан Санев, директор на археолошкиот музеј на Македонија , промотор на изложбата е проф. Драги Митревски, а автор на оваа археолошка изложба е д-р Александра Папазовска , кустос советник во археолошкиот музеј на Македонија.
Локалитетот Мали Дол, с. Тремник во непосредна близина на Неготино до 2008 год. беше непознат за археолошката јавност. Првични податоци за оваа некропола се добиени од сопственикот на нивата г-динот Пео Колев кој при изградба на штала во 2008 год. наишол на камени конструкции и при тоа пронашол две бронзени игли кои ги пријавил во музејот на Град Неготино. Истата година музејот на Град Неготино извршил краткротрајни заштитни ископувања и открил четири погребувања – цисти кои биле видливи на површината на теренот. Биле пронајдени две бронзени игли и накит – дел од ѓердан, комбиниран со килибарни перли кои датираат од крајот на бронзеното време (XII век пред н.е.)
Ископувањата спроведени во рамки на истражувачкиот проект археолошки ископувања на Мали Дол, с. Тремник, во континуитет се одвиваат од 2009 година до денес, како соработка помеѓу археолошкиот музеј на Македонија и музејот на Град Неготино, соработка од која произлегува и реализацијата на денешната изложба.