#MuseumMonday
👉 Керамичките светилки – ритони потекнуваат од локалитетот Тумба Радобор кај Битола, од периодот на средното бронзено време 18-17 век
пр.н.е.
Тие се ретки облици на садови, рачно моделирани и изработени во неколку варијанти, збогатени со необични ликовни детали, во чија изработка локалниот грнчар несебично ја артикулирал својата вештина и фантазија.
Имаат заоблено елипсовидно или крушковидно тело, високо извлечен цилиндричен врат како оџак, и широко отворено устие со нагласен профилиран венец. Спротивно на устието има широка вертикално поставена лентеста држалка. На просторот околу оџакот има изведено мали кружни отвори – перфорации симетрично распоредени на горната површина од телото. Изработката им е од прочистена глина со минимални примеси од кварц во фактурата, механички мазнета надворешна и внатрешна површина, одлично печени со окерасто-светлокафена колорит.
Овие садови функционално се интерпретираат како светилки, минијатурни модели на печки, кандила или кадилници во кој се согорувале и чаделе билки, тревки и растителни или животински масла како заштита од инсекти.