Изложбата ,,100 години Требениште” затворена за посетители

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

По две години интензивни преговори и подготовки за одбележувањето на 100 годишнината од откривањето на некрополата на локалитетот Требениште, оваа изложба која е од особено значење во археологијата, не само во Македонија, туку и на Балканот, а и пошироко беше отворена за посетителите од 15 ти март до денес.

На овој комплексен проект работеа експерти од повеќе области кои несебично го вложија своето знаење, труд и време што резултираше со светски производ кој веднаш го привлече вниманието на домашната и странската јавност.

За само шест месеци од отворањето, изложбата ја посетија над 12.000 посетители, а за успешната реализација на оваа изложба говори и тоа што ,,100 години Требениште” по претставувањето пред македонската, српската и бугарската публика ќе се претстави и пред европската јавност.

Тимот составен од претставниците од трите земји го оствари сонот на многу генерации и направи историски и значаен чекор со кој се надминаа разликите и фокусот се стави кон нештата што обединуваат.

Овој проект е круна на пријателство на три држави чии севкупни резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан. Ова пријателство ќе продолжи да се гради и одржува преку реализација на уште многу големи и значајни проекти.

Специјално изготвениот каталог за оваа изложба ,,100 years of Trebenishte” со текстови од 26 автори, кој е плод на посветената работа на еминентните археолози од Македонија, Србија и Бугарија, беше распродаден во рекордно време.

За проектот ,,100 години Требениште” е изработена и веб страна која има за цел на посетителите да им ја приближи приказната како и да ги воведе во мистиката и убавината на наодите од оваа позната некропола.
⬇️
https://www.trebenishte.com/

Во мистиката и убавината на оваа некропола следно ќе ужива српската јавност.

Голема благодарност до главниот покровител на овој проект, Владата на РСМ како и до спонзорите и поддржувачите, Министерство за култура на РСМ, винарија Стоби, Општина Центар, Уни банка, Книгоприма консалтинг и Маратон груп.