Хеленистички период

Оваа збирка го опфаќа периодот од светската историја познат како хеленистички. Иако науката сè уште не e усогласена околу почетокот и крајот на овој период, најчесто како хронолошки рамки се земаат смртта на Александар III Македонски во 323 год. п.н.е. како почеток, додека за крај на овој период се прифаќа падот на последното хеленистичко кралство на Птолемаидите во 31 год. п.н.е. и за територијата на денешна Македонија која, иако во 168 год.п.н.е. по битката кај Пидна потпаѓа под римска власт, заради материјалната култура која ги продолжува старите хеленистички традиции, како крај на овој период исто така е прифатен токму падот на последното хеленистичко кралство. Во овие хронолошки рамки на просторот на источниот Медитеран започнува една нова епоха во човековата историја т.н. хеленистички период. Хеленистичката култура настанала како симбиоза на три компоненти од тогашниот антички свет и тоа: македонската, хеленската и источната или ориенталната. Заради тоа што територијата на делување на оваа култура нема постојани граници, а и фактот дека неговото разложување започнува пред неговото конечно формирање, овој период спаѓа меѓу еден од најсложените и во исто време еден од најинтересните периоди не само во античката, туку во целокупната човекова историја воопшто.

Најголем дел од артефактите кои се дел од оваа збирка се од локалитетот Исар-Марвинци, Валандово. Овој локалитет заедно со античкиот Лихнид (Охрид) претставуваат и најдобро истражените локалитети од овој период во Македонија. Во збирката се издвојуваат и артефактите откриени на локалитетот Вардарски Рид, пелагонискиот, тиквешкиот, скопскиот регион и Повардарието.

Во постојаната поставка од хеленистички период археолошкиот материјал е групиран и претставен според неговата функција и според материјалот од кој артефактите се изработени. Од овој период се издвојува златниот накит кој е луксузно украсуван со златарски техники филигран и гранулација, како и со вметнување полудраги камења или некои хроматски маси, техники кои во овој период биле работени до совршенство.

Од керамичките садови се издвојуваат импортираните садови од познатите керамички центри, но не изостануваат ниту локално изработуваните садови кои биле работени по примерот на познатите центри кои ја диктирале модата. Тие се поделени во сетови за складирање и консумирање вино и други течности, тоалетни сетови, како и садови за секојдневна употреба во домаќинствата.

Од садовите значајни се и оние изработени од бронза (ситули, ојнохоа, лебеси, олпеа, кантароси и др.) кои бројно се помалку застапени од керамичките, што е разбирливо ако се знае фактот дека во антиката бронзата била скапа суровина. Оружјето е застапено со артефакти кои го претставуваат вооружувањето на македонскиот воин, но и на воин кој не е карактеристичен за овој регион, но кој активно учествувал во војните во овие краеви, најверојатно како платеник. Тоа е келтската воена опрема откриена во гробот бр. 58 од античката лихнидска некропола.

Од култните претстави се издвојува најголемата колекција на теракотни фигурини од овој период во нашата држава. Тоа се теракотните фигурини кои се откриени на локалитетот Исар-Марвинци. Потоа следат претставите на Афродита од Вардарски Рид и Изида од Лихнид (Охрид) изработени во мермер, односно алабастер. Обете скулптури претставуваат одличен пример за вајарската умешност на мајсторите од ова време. Ги споменуваме и претставите на Кибела – фригиската мајка од различни локалитети кои говорат за несомненото големо почитување на нејзиниот култ на овие простори. Од култните претстави се издвојуваат и минијатурните фигуринки изработени во бронза посветени на Дедал, Изида – Тихе, Дионис и др.

Во поставката се презентирани и артефактите кои биле секојдневно користени во домаќинствата, како теговите за разбој, ножиците, разните игли и другите алатки со чија помош можеме да го реконструираме секојдневниот живот на еден човек во овој хеленистички период. Опфаќајќи ги сите овие артефакти со најразлична примена целта е да се оформи една комплетна слика за овој значаен период од човековата историја.

м-р Перо Арџанлиев, археолог, кустос советник за хеленистички период