На 13 Октомври, во престижната Gallery MC во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД , свечено беше отворена изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ на НУ Археолошки Музеј на Македонија.
На настанот присуствуваа високи претставници од Амбасадата на Репубилка Македонија при ОН – Амбасадорот Г-дин Василе Андоноски, генералниот конзул за Њујорк, Г-дин Горан Трајков, претставници од мисијата на Р. Македонија во ОН, бројни познати уметници од Америка, претставници од дијаспората, како и голем број на љубители на уметноста од Њујорк.
Настанот го отворија директорката на Археолошки Музеј на Македонија Г-ѓа Весела Честоева и директорот на Gallery MC G – Г-дин Горазд Поповски.
На изложбата беше презентиран богат ексклузивен накит од богатото културно наследство на Република Македонија и теракотни фигурини , надополнето со мултимедијални содржини со кои публиката имаше можност да види и да ја запознае вековната традиција на македонскиот накит , од кој можеше да се види креативноста на старите мајстори и тогашното богатство на секој историски период одделно.
Присутните, од кои некои за првпат, имаа можност да се запознаат со македонската историја и традиција и за прв пат да видат накит стар илјадници години , кој е дел од големите археолошки истражувања во Р. Македонија во последните 70 години и кои претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет на македонскиот народ.
Присутните имаа уникатна можност и лично да испробаат копии од неколку видови на антички златен накит и со истиот да се фотографираат од што посебно беа воодушевени.
Изложбата завршува на 31.10.2016 година.