Дискусија за современата археолошка теорија

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

Во петок, на 9 март, во Археолошки музеј на Македонија во Скопје, со почеток од 12 часот, ќе се одржи настанот „Современа археолошка теорија“ во организација на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, замислен како серија на предавања и дискусија поврзани со современите теориски и методолошки тенденции во археологијата и нејзините сродни науки, отстапувајќи им простор на помладите истражувачи и нивните размислувања на оваа тема.

Настанот ќе биде составен од шест различни предавања преку кои говорниците ќе ги изразат своите ставови поврзани со отворените прашања и насоки на развој на современата археолошка теорија и методологија.

Серијата на предавања ќе биде отворена со излагањето на доц. д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, на тема „Теорија без територија: за епистемологијата и пост-процесната археологија“. На прашањето „Дали андроидите сонуваат електрични овци?“, односно за „Археолошки дистопии во пикантен технолошки сос“ ќе зборува доц. д-р Ирена Теодора Весевска од Филозофскиот факултет во Скопје, отворајќи сериозни прашања за иднината на човечкиот фактор во науката. Првиот дел од излагањата ќе биде заокружен со предавањето на м-р Мишко Тутковски од Националната установа Стоби на тема „Ранохристијански мозаици: анализи и интерпретации“.

Втората етапа на предавања ќе отпочне со Кристијан Тошески од Студентското археолошко здружение „Аксиос“ кој ќе ја презентира темата „Кохерентна светлина: холограмите во археолошката средина“, продолжувајќи со Кирил Денковски од Македонското археолошко научно друштво кој ќе зборува за „Примената на картографски методи во археологијата“. Надоврзувајќи се на својот претходник, Ѓоре Милевски од Центарот за истражување на предисторијата ќе го комплетира вториот циклус на предавања, осврнувајќи се на темата „Географско-интелигентен сапиенс: Просторот и неговото место во археолошката теорија“.

Поврзани новости:
A1on.mk
MKD.mk
Канал5
GRID.mk
Сител
Вечер