Одбележување на Европската година на културно наследство во Архео Паркот Бразда
Проектот: “Промоција на владетелската гробница на археолошкиот локалитет Градиште -Бразда” на Институтот за Археолошки Истражувања е еден од 12-те проекти финансирани од Делегацијата на Европската Унија во рамки на повикот за предлози за одбележување на Европската година на културно наследство.
Главната цел е да се подигне свеста кај локалното население за значењето на културното наследство кое го имаат во нивната непосредна близина, како и да ги поттикнеме да учествуваат во заштитата и одржувањето на Архео Паркот во иднина.
На самиот настан на 9 Јуни во Архео Паркот Бразда ќе биде прикажан документарен филм за самиот локалитет и неговото значење, ќе има изложба на фотографии “Владетелската гробница од пронаоѓањето до денес”, како и мал коктел.
Во рамки на проектот се организираа и други активности наменти за различни таргет групи:
Во ОУ “Александар Урдаревски” во с.Сандево на 21 Мај се одржа предавање за локалитетот, паркот и неговото значење, со цел да се едуцираат најмладите, да се зголеми интересот и да создадат навика да се грижат и да го заштитат културното наследство кое што го имаат во нивната непосредна близина.
На 28 Мај во просториите на општината Чучер Сандево се одржи уште едно предавање наменето за општинската администрација за потенцијалниот развој на културниот и руралниот туризам преку промовирање и заштита на културното наследтво во нивната општина, како и за историјатот на локалитетот и истражувањата. Предавањата ги одржаа м-р Горан Санев – директор на Археолошкиот Музеј на Македонија, Радомир Ивановиќ од Институтот за Археолошки Истражувања и проф. д-р Дејан Методијески од Факултетот за туризам и бизнис логистика од УГД Штип.
Сите овие активности се поддржани од Делегацијата на Европската Унија – Скопје и ЕУ Инфо Центарот, а во соработка со НУ Археолошки музеј на Македонија.
…………………………………………………………………………………………….
Со одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија, 2018 година е прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на оваа Европска иницијатива е да го промовира значењето на Европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности. Под слоганот за Годината „Нашето наследство: каде минатото се сретнува со иднината“, се подвлекува заложбата за подобро разбирање на минатото преку културното наследство, кое воедно овозможува и поглед кон иднината.
Земјите-членки на Европската Унија годинава ќе организираат мноштво настани и проекти на европско, национално, регионално и локално ниво, фокусирани на вклучување на пошироката јавност, особено на децата и младите, кои би помогнале во зајакнувањето на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото Европско семејство.