Бронзено време

Бронзеното време хронолошки го опфаќа периодот од средината на III милениум пред н.е. до XII век пред н.е. и претставува период на целосна стабилизација во сите сфери на општествениот живот, после преселбите на индоевропските популации и нивната симбиоза со автохтоното население, што резултирало со појава на специфична и оригинална материјална култура.

Фондот на археолошката збирка од бронзеното време содржи предмети од ископувања и рекогносцирања, со нагласена разнородност во нивната употреба, како утилитарни, така и декоративни предмети: керамички садови, камени и коскени алатки и метални артефакти.

Материјалот потекнува од истражувањата на повеќе локалитети: Градиште, с. Пелинце; Прибовце, с. Лопате; Градина, Д. Капија; Тумба Канино; Тумба Кравари; Св. Недела, с. Асамати; Црквени Ливади, с. Враништа. Овие предмети ги прикажуваат секојдневните активности поврзани со производството на грнчарија. Садовите, нивниот квалитет, обликувањето и украсувањето ги акцентираат културните манифестации и физиономијата на регионот низ раното, средното и доцното бронзено време.

Особено е значајна керамичката продукција од локалитетот Радоборска Тумба во близина на Битола, која датира од средното бронзено време XVIII-XVII век пред н.е. и има разновиден репертоар на облици, перфекција при технолошка изработка, како и орнаментика со уметнички вредности. Керамичките лампи – ритони се необично моделирани и изработени во неколку варијанти, збогатени со ликовни детали, а локалниот грнчар несебично ја артикулирал својата вештина и фантазија.

Најголемиот број на наоди потекнува од единствената целосно истражена некропола Димов Гроб, кај с. Уланци од XIII-XII век пред н.е. Најмаркантно обележје на инвентарот од овој локалитет претставува мат сликаната керамика, која се јавува како локална реакција и обид за имитација на формалниот и декоративен репертоар на микенската керамографија, адаптирана на сопствениот вкус и на потребите на локалното население. Во колекцијата доминираат кантаровидните садови продуцирани според новите уметнички критериуми, а најзначајни се разни варијанти на алабастрони и амфорискоси со своите елегантни пропорции и суптилно изведената декорација. Ексклузивен наод откриен при истражувањата е алабастронот  кој е уникатен импортиран примерок и претставува прва појава на сад изработен на грнчарско колце откриен на нашата територија.

Накитот кој е карактеристика само за женските погребувања е класифициран според своите функционални и типолошки карактеристики на накит за глава, врат и раце, како и појасни гарнитури. Овие декоративни предмети за лична употреба, кои служеле за украсување на телото и носијата, се уметничка експресија на тогашните модни трендови, како и на културните и трговски контакти со микенскиот свет.

Најзастапени се спиралните наушници изработени од тенка бронзена жица, а се издвојува еден пар изработен од злато, што претставува прва потврдена употреба на овој благороден метал во македонската предисторија. Луксузно делуваат композитните ѓердани и белезици комбинирани од разнородни мониста изработени од егзотични материјали: стаклена паста, килибар, морски полжави, кои се сведоштво за рафинираниот вкус на женската популација. Помеѓу сите овие предмети се издвојува и големата група бронзени игли, кои покрај нивната првенствено утилитарна намена за прицврстување на облеката, имаат и декоративна улога.

Утилитарните предмети како што се бронзени сечила, камени острачи и бронзени игли со мали димензии, најчесто се откриваат како сет, и се дел од стандардната опрема на мажите. Тие претставуваат тоалетни реквизити кои служеле за одржување на личната хигиена, поточно за дотерување на брадата. Посебно се истакнуваат два примери на ножеви со држалки од благородна коска украсени со врежана декорација.

Религиозната компонента на уланечката заедница се рефлектира преку наодите на два композитни појаси, изработени од симетрично распоредени бронзени минијатурни двојни секирки – лабриси и мониста од стаклена паста. Оваа уникатна категорија на наоди несомнено е атрибут на жените кои имале посебна улога и статус во заедницата, односно претставувале религиозни предводнички – свештенички.

Гоце Коцевски – археолог, виш кустос за бронзено време