Археолошките истражувања во рамките на меѓународниот проект на археолошкиот локалитет Градиште, Неготино продолжија и оваа година.
Oвие систематски истражувања континуирано се одвиваат 10 години под раководство на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и Универзитетот во Гдањск, Република Полска. Овогодишните истражувања се одвиваат под раководство на д-р Роберт Петковски и проф. д-р Николас Секунда. Активностите главно се насочени на највисокиот дел од акрополата, а се евидентирани архитектонски остатоци од римскиот период како и неколку печки, мелници и др.
Истражувањата досега дадоа значаен и разновиден археолошки материјал: голем број грнчарија, пред се’ садова керамика, меѓу кои импортирани садови-terra sigilatta главно од италска и северно -афричка продукција и вообичаено за овој локалитет убаво и квалитетно изработени светилки и садови од локална продукција украсувани со разни релјефни и печатени орнаменти. Помеѓу нив се наоѓаат и неколку примероци од калапи за изработка на истите.
Од наодите исто така се извојуваат претстава на глава од женска теракота и метална пиксида. Особено внимание привлекува и нумизматичкиот материјал со значителен број на бронзени и сребрени монети.
Раководител,
д-р Роберт Петковски