Ископувања на локалитетот Исар-Марвинци, Валандово

  • Post category:Новости
  • Reading time:2 mins read

Археолошкиот музеј продолжува со ископувања на локалитетот Исар-Марвинци, Валандово. Овогодинешното истражување му донесе нова вредност и нов историски период на локалитетот, а тоа е Првата светска војна. На просторот од римската некропола на доминантен врв, помеѓу римските гробови се откри и истражи долго рововско вкопување долж целиот рид. Од оваа позиција во целост се контролирала целата област од Валандово до Богданци и планината Кожуф и најважно – патот кон југ и Солун. На овој начин локалитетот станал дел од Македонскиот (Солунски) фронт. Но, според археолошките наоди во рововите, се чини дека биле стационирани силите на Антантата, поточно српска војска со француска муниција од 1915 г., а не германската војска или Централните сили. Мноштвото наоди и гранати сведочат дека локалитетот преживеал жестоки борби.


Со овогодинешното истражување се пронајдоа и одбранбени градби од IV век на просторот на римската некропола. Оваа сознание посебно изненадува затоа што во антиката светот на живите никако не се мешал со светот на мртвите. Било какви градби на тој простор биле забранети. Но, бурниот историски период во IV век се чини ги приморало жителите на овој град на Исарот да го занемарат тоа правило. На просторот на Македонија во тој период има бројни надворешни упади и уништувања во кои најверојатно настрадал и градот на Исарот. Затоа градот морал да се реорганизира и обнови, а првично или само привремено додека не се изгради „Кастелот“, се чини дека одбранбените линии на градот се протегале дури до просторот на кој се истражуваше оваа година. Но, конечниот одговор на оваа прашање ќе се бара во наредните кампањи на истражувања на локалитетот.
Со овогодинешното истражување раководеше м-р Јане Клековски, кустос советник, а учество во истиот имаа Филип Аџиевски и Мартин Гиевски, кустоси.
Проектот беше реализиран и поддржан како дел од Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура.