Надгробна плоча, II век

  • Post category:Е-музеј
  • Reading time:1 mins read
  • – Период/датација: II век
  • – Потекло: Битола, случаен наод во приватна куќа во 1867 година
  • – Материјал/техника: Бел мермер, делкање.
  • – Димензии: висина 0,93 м ширина 0,57 м дебелина 0,21 м

Кратка приказна (опис):

Правоаголна плоча која е откршена во горниот дел, каде е сочуван долен дел од натпис:

Crescens eq(ues)
sing(ularis) Aug(usti) nat(ione)
Noricus vixit
an(nis) XXIIX mil(itavit) an(nis)
XI s(ecundus) h(eres) f(aciendum) c(uravit):

„Крескент, коњаник во царската гарда, по народност од Норик, живееше 28 години, а војуваше 11 години. За изработката се погрижи друг наследник.“

Надгробна плоча, II векПод натписот има вдлабнато релјефно поле во кое е претставен оседлан коњ свртен кон десно со подигната лева нога, а уздите со десната рака ги држи војник облечен во краток хитон. Со левата рака војникот држи стап потпрен на рамото.
Споменикот покажува дека во времето кога овие краишта биле дел од римската провинција Македонија, овде се населувале војници кои потекнувале од сите делови на Римската Империја. Крескент бил родум од Норик, како што Римјаните го нарекувале кралството на Келтите (денешна Австрија и дел од Словенија). Умрел млад, на 28-годишна возраст, по 11 години воена служба, податок кој покажува дека момчињата биле регрутирани релативно млади. Припадниците на гардата која го чувала римскиот император биле многу уважени во римското општество.

 

 

Аудио нарација на англиски